Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат,вели пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска
Двете најголеми верски заедници повеќе години бараат да се донесат законски промени со кои учениците кои таму матурираат да можат да го продолжат своето образование на редовните државни или приватни универзитети во земјава

СДСМ изразува сериозна загриженост по однос на предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование.
Оттаму велат дека иако не поднеле амандмани, оцениле дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености.
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт, кажа дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.
-Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа смета дека нема јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани.
„Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Владата на седница на 15 јули го усвоила текстот на законското решение за средно образование на верските заедници со кој им се отвора патот на Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ и на Средното исламско училиште Медреса „Иса Беј“ за влез во државниот образовен систем.
Двете најголеми верски заедници повеќе години бараат да се донесат законски промени со кои учениците кои таму матурираат да можат да го продолжат своето образование на редовните државни или приватни универзитети во земјава.
Собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска даде поддршка за Предлог-законот поднесен од пратениците од власта и го проследи на натамошна собраниска процедура.