Се организираме, работата е под контрола. Ќе се случува цело лето, ќе има и во август месец. Во овој момент немаме некаде огнена стихија којашто е надвор од контрола, вели премиерот
По алармантната бројка со пожари низ земјава, активиран е ЕУ-механизмот за цивилна заштита, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој, во одговор на новинарско прашање за пожарите, посочи дека во моментов нема слободни воздухоплови од ЕУ-механизмот, но дека земјава ги ставила на располагање сите домашни капацитети за справување со пожарите и засега ситуацијата е под контрола.
„До сега можам да кажам дека во јули месец ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала коишто ги има Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се и оние возила, специјални возила, условно да кажам, коишто ги подготвивме, бидејќи знаевме што нè очекува ова лето. Го активиравме пред неколку дена и европскиот механизам, но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, цели населби се зафатени, Во Турција исто така има жртви и повредени, цели населби, цели градови. Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, до пред некој ден знам дека имаше околу 240 на ден. Шпанија, Италија, Кипар исто така. Така што, во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би биле дел од тој ЕУ-механизам којшто би помогнал. Во моментот, повеќе од 200 припадници на Армијата се на терен. Полициските службеници ги возат оние специјалните возила, ‘БТР’, ‘пинцгауери’ и ‘хермелини’. Така што се организираме, работата е под контрола. Ќе се случува цело лето, ќе има и во август месец. Во овој момент немаме некаде огнена стихија којашто е надвор од контрола“,
вели Мицкоски.
Претходно денеска на прес-конференција, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на ДЗС, Стојанче Ангелов, соопшти дека се разгледува понудата за помош што земјава ја добила од Словенија и Франција, кои се подготвени да испратат тимови од околу 60 пожарникари, со специјални возила за гаснење шумски пожари.