Станува збор за делницата Ѓуешево-Деве Баир долга 2,4 километри. Последните 420 метри, како што денеска соопшти Софија, се издвоени од тендерот бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел со земјава
Распишувањето на тендерот доаѓа по „бриселскиот договор“ меѓу делегациите на двете земји за отворените прашања во врска со пругата Скопје-Софија
Националната компанија за железничка инфраструктура на Бугарија денеска објави тендер за изградба на железничката траса од Ѓуешево до македонскиот граничен премин „Деве Баир“ во должина од 2,4 километри, што е последниот дел од пругата на бугарска страна кон Македонија.

Во тендерот за изградбата на 2,4 километри железничка пруга од Бугарија до Македонија спаѓа и реконструкција на железничката станица „Ѓуешево“, која ќе стане гранична станица за патници и стока за Шенген-зоната.
„Последните 420 метри од трасата се издвоени како посебна ставка во тендерот бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел. Само на овој начин нема да биде попречено работењето на тешката механизација што се користи за тунелските работи“,
наведуваат од Компанијата за железничка инфраструктура на Бугарија.
Оттаму додаваат дека рокот за изградба на целата делница е до крајот на 2028 година, со исклучок на наведените 420 метри, што ќе се градат дополнително. Проценетата вредност на набавката е 58,2 милиони евра или околу 24,3 милиони евра по километар.
Покрај овој, распишан е тендер за модернизација на делницата од Перник до Радомир во должина од 17 километри кој подразбира изградба на двојна железничка линија за брзина од 160 километри на час, реновирање на станиците и постојките по должината на трасата и отстранување на сите нивелирани премини со патен сообраќај и пешаци за поголема безбедност. Рокот за овој проект е до средината на 2029 година.
На ред Скопје?
Македонија, од друга страна, има многу повеќе километри пруга за изградба за да стигне до бугарската граница. Во моментов турски „Гулермак“ работи на делницата долга 34 километри, од селото Бељаковце до Крива Паланка. Работите се одвиваат побавно од предвиденото.
Од Крива Паланка до Деве Баир има уште 23,4 километри кои не се градат. За таа делница земјава имаше обезбедено пари дел во форма на грантови, дел во форма на кредити. Тендерот беше распишан во време на СДСМ, но по смената на власта, новата гарнитура одби да потпише договор со најдобриот понудувач и ја поништи постапката. Некои од причините беа:
- дека на премиерот Мицкоски му било понудено мито од страна на еден од понудувачите;
- дека дури и да ја изградиме пругата, Софија ништо не прави на својата страна;
- дека пругата завршува во недограден тунел;
- дека проектот за последната делница е лош и дека пругата е прескапа.
Цената, која според македонската влада беше прескапа, изнесуваше околу 24-25 милиони евра по километар. Толкава е сега проценката за километар пруга на Софија, за изградба на истиот терен, но од бугарска страна.
За другите прашања се водеше остра полемика меѓу двете земји.
Црвено-зелено
Одбивањето на Владата на Христијан Мицкоски да го продолжи наследениот процес за пругата од Крива Паланка до бугарската граница првично наиде на осуда од Софија. Особено што паралелно со поништувањето на тендерот за таа пруга, земјава почна да лобира за реконструкција и унапредување на пругата по коридорот 10, односно Солун-Скопје-Белград. Така, прашањето стана и политичко, а не само инфраструктурно.
По неколкумесечната размена на ставови преку медиумите, двете влади сепак почнаа разговори на темата. Македонската влада бараше гаранции дека нема да биде доведена во ситуација да изгради скапа пруга до бугарската граница, која потоа нема каде да продожи. Се бараа и гаранции дека тунелот во кој треба да спојат двете страни навистина ќе биде изграден од двете страни. Мразот, конечно, беше скршен пред десетина дена.
На средината на месецов македонска и бугарска делегација во Брисел одржаа заеднички состанок на кој беше најавено дека ќе биде распишан тендер за третата делница од Бугарија. За заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи за финализирање на текстот на меѓувладиниот договор за отпочнување градежни работи на почетокот на следната година, кој треба да се потпише наесен.