Според него, Народната банка иако е регулатор води постојан дијалог со банкарскиот сектор и дејствува како партнер со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците
Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за платните услуги, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во телевизиско гостување и посочи дека очекува овој пример да го следат и другите банки.

Ваквата новина следува по дијалогот што Народната банка го имаше со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и подостапни услуги.
„Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците, нешто што веќе го гледаме како резултат“,
рече гувернерот.
Според него, Народната банка иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и дејствува како партнер со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.
„Разговараме со банките кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, што преку вакви потези го зајакнуваат сопствениот углед и доверба кај јавноста“,
кажа Славески.
Очекува наскоро и другите банки да го следат примерот на трите најголеми банки во државата.