Средбата ќе се одржи на голф-теренот на Трамп „Тернбери“ во Ајршајр, а се очекува да вклучи и разговори за трговија и состојбата во Газа, каде што хуманитарната криза се влошува

Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер денеска ќе се сретнат во Шкотска, каде што ќе разговараат за можностите за обновување на мировните преговори меѓу Израел и Хамас, меѓу другото.
Средбата ќе се одржи на голф теренот на Трамп „Тернбери“ во Ајршајр, а се очекува да вклучи и разговори за трговија и состојбата во Газа, каде што хуманитарната криза се влошува.
Според британските медиум, Стармер ќе ја истакне потребата од итно ослободување на заложниците и проширување на пристапот за хуманитарна помош.
Двајцата лидери ќе разговараат и за економската соработка, бидејќи наместо да се укинат царините за челичната индустрија останаа на 25% иако двете држави се дел од договорот потпишан на Г7 за економски просперитет.
Стармер и Трамп, и покрај разликите во политичките погледи, изградиле добра лична релација.
Оваа средба доаѓа по најавата за трговски договор меѓу САД и ЕУ и пред претстојната официјална посета на Трамп во Велика Британија во септември.

Инаку, двете држави имаат различни гледишта во однос на ситуацијата во Газа. Обединетото Кралство заедно со официјален Париз и официјален Берлин излегоа со соопштение во кое неодамна повикаа итен прекин на хуманитарната катастрофа, нешто што го налути Израел, кој пак е меѓу најголемите сојузници на САД.
Сето ова следува откако Израел целосно ја прекина помошта за Газа на почетокот на март, а потоа ја отвори повторно во мај со нови ограничувања наведувајќи ја потребата да се спречи кражба од страна на Хамас.
Но, неодамна се појавија извештаи во кои се цитираат податоци од американската влада, во кои се вели дека нема докази оти Хамас краде помош од агенциите на ОН.
Сепак, меѓународниот портпарол на ИДФ, полковник Надав Шошани, ги отфрли извештаите како лажни вести и рече дека кражбите од страна на Хамас се добро документирани.
Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти дека најмалку 127 лица починале од неухранетост до саботата, вклучувајќи 85 деца.