Инцидентот се случил вчера на летот AA3023 од Меѓународниот аеродром во Денвер до Мајами, додека „Боинг 737 MAX 8“ сè уште бил на пистата, објави Си-би-ес њуз Колорадо. Сите 173 патници и шест члена на екипажот биле успешно евакуирани и никој не бил сериозно повреден

Патниците на летот на „Американ ерлајнс“ од Денвер до Мајами доживеале драматични моменти кога авионот се расипал непосредно пред полетувањето, поради што биле евакуирани бидејќи од авионот се издигал чад.
Инцидентот се случил вчера на летот AA3023 од Меѓународниот аеродром во Денвер до Мајами, додека „Боинг 737 MAX 8“ сè уште бил на пистата, објави Си-би-ес њуз Колорадо. Сите 173 патници и шест члена на екипажот биле успешно евакуирани и никој не бил сериозно повреден.
„Летот 3023 имаше технички проблем пред полетувањето во Денвер. Сите патници и екипажот безбедно излегоа од авионот, кој потоа беше изваден од употреба и предаден во нашиот сервисен центар за инспекција“,
објави „Американ ерлајнс“.
Еден од патниците, Марк Цуркис, кој живее на линијата Мајами-Колорадо Спрингс, за Си-би-ес њуз Мајами изјави дека најверојатно на авионот му се дупнала гума.
„Токму кога авионот забрзуваше за полетување, слушнавме силен тресок и си помислив: Ова не е добро. Верувам дека едната гума пукна, бидејќи додека забавувавме, видовме како другата гума помина покрај авионот од левата страна“,
рече Цуркис.
„Американ ерлајнс“ подоцна потврди дека станува збор за дефект на гумата.
Според Цуркис, пилотот веднаш почнал да забавува и го запрел авионот. Околу една минута подоцна, патниците забележале чад и почнале да се евакуираат.
„Иако на екипажот му требаше малку време да ги отвори вратите, повеќето од нас безбедно излегоа од авионот“,
рече тој.
Пет лица биле прегледани на местото на настанот, но никој не бил однесен во болница. Едно лице било однесено на понатамошен медицински третман поради полесна повреда, потврдиле од аеродромот во Денвер.
Видео објавено од Цуркис на неговиот Инстаграм профил ги прикажува патниците како се евакуираат додека чад се издига од задниот дел на авионот.