Од СДСМ веќе неколку дена, а и денеска тврдат дека со потпишувањето на Меморандумот со „Казанџи Холдинг“ власта ги поткопува државните позиции во клучниот енергетски сектор и дека инвестициите се насочуваат според партиски, а не национални интереси
ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли како неосновани и манипулативни наводите на СДСМ кој ги обвини дека договорот со „Казанџи холдинг“ е коруптивен и штетен за националните интереси.
Од партијата порачаа дека СДСМ се обидува да дефокусира и манипулира со јавноста преку пласирање невистини, додека во минатото токму тие, како власт, преговарале за истата стратешка инвестиција.

„СДСМ нека објасни на јавноста каква улога имале нивните кадри во енергетиката и зошто сега се против вакви стратешки проекти. Сега, откако нивните преговори не успеаја, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ почна со реализација, не им чини. Откако за седум години власт СДСМ го уништи енергетскиот сектор, а нивниот Васко Ковачевски е во бегство за милионски криминал во ЕСМ, сега се против стратешките инвестиции во енергетиката. Кој знае, можеби СДСМ се против стратешки инвестиции во енергетиката, па сакаат само нивните како синот и братот на Заев, братот на Венко Филипче, сопругата на Ковачевски да го држат пазарот со производството на електрична енергија и да прават милиони“,
стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласувајќи ја важноста на инвестицијата вредна до 1 милијарда евра, ВМРО-ДПМНЕ смета дека преку меморандумот со „Казанџи холдинг“ ќе се зголеми енергетската независност и суверенитет на државата, ќе се создадат нови капацитети за електрична енергија и ќе се отворат нови, високоплатени работни места. Партијата истакна дека останува посветена на политика на привлекување стратешки инвеститори како клуч за економски развој и подобар животен стандард.
Од СДСМ веќе неколку дена, а и денеска изнесоа тврдења дека власта ги поткопува државните позиции во клучниот енергетски сектор и дека инвестициите се насочуваат според партиски, а не национални интереси. Оттаму укажуваат дека власта за стратешки партнер избрала компанија чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана а се реферираат и на написи од „Фајненшл тајмс“ кој објавува дека Акса е вмешана во плаќање околу 2,5 милиони долари мито на службеници од Гана за да се добие профитабилен договор за електрана.