Лидерите на власта и на опозицијата, Мицкоски и Филипче, порачуваат дека солидарноста, човечноста и заедништвото се темелот на новото Скопје и дека тие вредности ги симболизираат истрајноста и обединувањето како основа врз која треба да се подигне и македонското општество
Бројни делегации и граѓани денеска оддадоа почит за жртвите од катастрофалниот земјотрес кој пред 62 години главниот град го остави во урнатини. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, беше придружувана од советничката Ирена Витина и од нејзините соработнички, додека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ заедно положија свежо цвеќе на пред Споменикот на загинатите од земјотресот на Градските гробишта „Бутел“.
„Скопје се сеќава на 26 јули 1963 година, ден кој засекогаш го промени ликот на градот, трагедија која одзеде над илјада животи. Никогаш да не се повтори! Овој ден е симбол на тага, но и одраз на човечноста и хуманоста во најтешките моменти“,
пишува во објавата на фејсбук-профилот на Арсовска.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, еден од најавените претенденти за нејзината фотелја на претстојните локални избори Скопје, објавувајќи ги фотографиите од оддавањето почит, на социјалните мрежи потсетува дека „по катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние како општество, покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност“, нагласувајќи дека „Скопје ќе биде повторно горд град“.
И кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, упати порака до скопјани, но со политичка конотација и обвинување дека актуелното локално раководство е неспособно и ги занемарува интересите на граѓаните.
„Скопје изминатите четири години беше силно погодено од неспособност, лични интереси и негрижа. Духот на Скопје се рушеше и обезличуваше секој ден, оставајќи ги скопјани немоќни пред партиските интереси“,
вели Шукова.
На денот кој е трагично врежан во историјата на главниот град свои пораки упатија и премиерот Мицкоски и лидерот на опозицијата Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека земјотресот што пред 62 години го погоди Скопје е потсетник дека животот може да се промени за миг, но и дека во најтешките моменти токму солидарноста, човечноста и заедништвото се најважни за обновата.
„Земјотресот нè потсети дека животот може да се промени за миг. Но и дека во најтешките моменти, токму солидарноста, човечноста и заедништвото се темелот врз кој можеме повторно да го изградиме градот. Скопје е денес симбол на истрајноста и солидарноста!“,
истакна Мицкоски во објава на Фејсбук.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека со сеќавањето на жртвите од земјотресот, потребно е да се потсети и на храброста на сите оние што помогнале од хаосот и руините да се роди едно ново урбано и модерно Скопје.
„26 јули засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Скопје – како потсетник дека имаме обврска, и ние и идните генерациите, да ја негуваме љубовта кон градот, никогаш да не ги заборавиме жртвите од земјотресот. Да продолжиме да го градиме Скопје и нашето општество врз вредностите што нè обединија тогаш и кои треба да нè обединуваат и во иднина – солидарноста, човечноста и заедништвото“,
пишува Филипче во објавата на Фејсбук.