Меморадумот за соработка вреден милијарда евра и натаму предизвикува реакции од опозицијата, која го отвора прашањето за транспарентноста и ги истакнува корупциските сомнежи
Потпишувањето на меморандум за соработка, со кој се најавува инвестиција од една милијарда евра со цел модернизација и развој на енергетската инфраструктура за опозицијата не само што е нетранспарентен туку е и полн со ризици од корупција. Од СДСМ и денеска, како и неколку дена наназад, укажаат на тоа дека одлуката е донесена без јавен тендер и со заобиколување на Законот за енергетика, а дека ќерка-компанијата на „Казанџи холдинг“, ‘Акса енерџи’, е поврзана со корупциски скандал во Гана.
„Угледниот ‘Фајненшл тајмс’ во 2020 година објави дека ‘Акса’ е вмешана во плаќање околу 2,5 милиони долари мито на службеници од Гана за да се добие профитабилен договор за електрана. ‘Фајненшл тајмс’ се повикува на извори од истрага на американската Комисија за хартии од вредност (SEC) каде што се наведни и други сомнителни трансфери, меѓу кои и 66 000 долари директно на пратеници во парламентот на Гана“,
пишува во денешното соопштение од прес-службата на СДСМ.
Поради тоа, тие ги повикуваат владините структури да се повлечат од договорот и да спроведат целосно транспарентна постапка преку јавен тендер и согласно со законските прописи.

За разлика од опозицијата, власта ја брани инвестицијата како капитален проект кој ќе го подобри енергетскиот систем, ќе донесе нови капацитети за производство на електрична енергија, како и илјадници нови работни места. Премиерот Мицкоски нагласи дека проектот ќе ја зголеми енергетската независност на земјата и ќе ја намали зависноста од увоз. Со него треба да се овозможат повеќе од 500 MW нови капацитети за производство на електрична енергија и модернизација на дистрибутивната мрежа.
„Казанџи холдинг“ е компанија со седиште во Истанбул и со годишен обрт од 5 милијарди евра. Работи во повеќе сектори, вклучувајќи енергетика, агробизнис и туризам, и има искуство во големи инфраструктурни проекти.