Средбата се одвива во услови на зголемени тензии околу новите царини, страните преговараат за рамковен договор што би ја стабилизирал трансатлантската трговија пред заканата од повисоки тарифи кои се најавени да стапат на сила на 1 август
Американскиот претседател Доналд Трамп престојува во Шкотска во својот голф-имот во Торнбери, каде што утре ќе имаат клучна средба со Европската комесарка Урсула фон дер Лајен, со надеж дека ќе го финализираат долгоочекуваниот трговски договор меѓу Европската унија и САД непосредно пред истекот на рокот на 1 август, кога стапува на сила опасноста од нови високи царини. Последните месеци се водат интензивни преговори меѓу Брисел и Вашингтон, но без конкретен резултат. Проблемот кулминираше откако Трамп најави 30% царина на повеќето индустриски производи од ЕУ, што сериозно ги загрозува европската автомобилска, челичната и фармацевтска индустрија. Од ЕУ најавија дека и тие се подготвени да воведат возвратни мерки на американски производи ако не се постигне договор.

Фон дер Лајен потврди дека по „добриот телефонски разговор“ со Трамп ја договориле средбата во Шкотска а а на е ќе разговараат за, како што вели фон дер Лајен, „одржувањето на цврстиот трансатлантски трговски однос“ и минимизирање на потенцијалната штета од царинската војна.
Според дипломатски извори, двете страни би можеле да постигнат рамковен договор што предвидува 15% основна царина на сите производи од ЕУ што се увезуваат во САД, наместо 30% со кои се закани САД. Посебни изземања се најавени за одредена медицинска опрема, фармацевтски и некои авио-делови, како и опрема што САД ја сметаат за стратешка. Челикот и алуминиумот, би останале под 50% тарифен режим, што претставува најголема пречка во разговорите, а Трамп сигнализираше дека не сака „многу отстапки“ бидејќи „ако одобри попусти за една земја, ќе мора за сите“.
Доколку не се постигне договор, ЕУ се закани со нови возвратни царини на американски производи, вклучувајќи ги автомобилите, алкохолот, машините и храната.
Според проценките на Американската стопанска комора во ЕУ, трговската размена меѓу двете страни достигнува 9,5 трилиони долари, и секое присилно деградирање на односите би било штетно за обете страни.
Оваа средба доаѓа во исклучително чувствителен момент за глобалниот економски поредок, додека се менуваат трговскиот баланс, се реформираат царинските политики и под закана е стабилноста на цените ширум светот. Иако шансите за договор, според Трамп, се „50-50“, дипломатите велат дека „одлуката е сега целосно во рацете на Трамп“.
Средбата се одвива во рамки на петдневната посета на Трамп на Шкотска, каде покрај разговорите и политичките средби, тој ќе ги посети и своите голф терени.