Според него, пожарникарите даваат сѐ од себе овој пожар што зафаќа поголема површина да се стави под делумна контрола
Најтежок за гаснење е пожарот што веќе подолго време гори на тромеѓето меѓу општините Василево, Берово и Радовиш на планината Готен, соопшти денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Повеќе од 150 лица го гасат од едната страна и уште толку од другата страна. Помагаат седум возила, еден полициски хеликоптер и други теренски возила на Национални шуми. Теренот е исклучително лош, односно е работи за исклучително стрмни падини каде не може да се движат луѓе. На одредени планинските патеки се направени противпожарни пресеки“,
рече тој.
Според него, пожарникарите даваат сѐ од себе овој пожар што зафаќа поголема површина да се стави под делумна контрола.
Покрај овој пожар, друг активен пожар е тој во Општина Прилеп кај селото Бешиште, а еден крак се движи кон селото Градешница. Друг активен пожар во Прилеп е тој кај селото Дрен.
Во Македонски Брод гори на две места – кај селото Црешнево и меѓу селата Локцива и Крапа.
Во Штип гори меѓу селата Драгоево и Селце. И овој пожар е тежок за гаснење.
Во Карбинци кај селото Јунузлија;
Во Зелениково кај селото Гумалево;
Во Старо Нагоричани кај селото Руѓунце;
Во Кумановско гори на две места, кај Ристово трло и кај селото Романовце.
Како што информира Ангелов, до 18 часот се регистрирани вкупно 25 пожари на територијата на државата, од кои 11 се активни, три се под контрола, а 11 се изгаснати.