Потрошувачката изнесувала 360 000 кубни метри на дневно ниво, што значително го оптоварила системот за водоснабдување
Повторно потрошувачката на вода во Скопје и скопскиот регион е енормно висока, велат од Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“. Оттаму велат дека вчерашната потрошувачка на вода изнесувала околу 360 000 кубни метри на дневно ниво, што според нивниот систем за мониторинг значи неконтролирано трошење, што пак го оптоварува системот за водоснабдување.
Поради оваа состојба, градскиот водоводен систем работи со намален притисок, а во одредени делови на главниот град повремено се јавуваат прекини во водоснабдувањето. Од претпријатието апелираат до граѓаните да ја користат водата за пиење рационално и совесно, особено во летниот период. Се бара да се избегнува нејзино користење за полевање градини, миење автомобили, полнење базени и слични активности.
„Скопје се снабдува со вода од природен извор со ограничена количина и непроценлива вредност. Потребно е сите граѓани да покажат одговорност“,
велат оттаму.
Водовод укажува и на проблемот со диви приклучоци, кои според нив, се клучна причина за загубите на вода што достигнуваат и до 65 отсто. Станува збор за нелегални приклучувања на објекти кои ја користат питката вода за технички потреби, особено за наводнување земјоделски површини. Дополнително, порачуваат дека секој нелегален приклучок директно го нарушува квалитетот и континуитетот на водоснабдувањето за сите домаќинства во Скопје.
„Загубите не се резултат на дефекти, туку главно на кражби. Апелираме до надлежните институции конечно да преземат мерки“,
соопштија од „Водовод и канализација“.