Тврдиме дека сите протоколи и безбедносни мерки беа спроведени од наша страна, а се однесуваат на грижа и безбедност на нашите гости велосипедисти и притоа сите натпревари поминаа во најдобар ред, во организација со која можеме да се гордееме, велат од Велосипедската федерација на Македонија
По вчерашниот инцидент кога кумановец удри двајца малолетни велосипедисти – учесници на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), реакција објави Велосипедската федерација на Македонија.
Оттаму велат дека жалат за инцидентот со велосипедистите од репрезентацијата на Исланд, но истовремено појаснуваат дека тие се упатиле на тренинг на своја рака, без полициска придружба и по неозначена патека.
„Организацијата на EYOF јасно упати и одреди за сите велосипедисти учесници на натпреварите точно утврдени термини за тренинг, на точно утврдени патеки за тренинг кои беа проследени со полициска придружба токму од причина да не дојде до вакви инциденти, имајќи ја во предвид сообраќајната некултура која владее. Наспроти нашите препораки, велосипедистите ,’на своја рака’ се упатиле на тренинг и тоа на патека која воопшто не беше означена како дел од терените за тренинг“,
велат оттаму.
Велосипедистите се во добра здравствена состојба.
Федерацијата предупредува дека вирално се споделува лажна фотографија на повреденото дете со скршена рака кое е всушност од репрезентацијата на Литванија и за кое тамошната национална репрезентација објавила уште пред отворањето на игрите дека велосипедистот се повредил на патеката за крос-кантри во Куманово за време на тренинг и негов пад на еден од техничките елементи на самата патека.
„Тоа е сосема друг изолиран инцидент кој нема никаква поврзаност со сообраќајниот инцидент. Тврдиме дека сите протоколи и безбедносни мерки беа спроведени од наша страна а се однесуваат на грижа и безбедност на нашите гости велосипедисти и при тоа сите натпревари поминаа во најдобар ред во организација со која можеме да се гордееме“,
се вели во нивната реакција.
Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 свечено беше отворен во неделата со дефиле на 50 делегации во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Спортскиот настан, кој е предвидено да трае до крајот на неделата, вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини – атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.
Натпреварите се одржуваат во спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и во Куманово, додека местото на одржување на натпреварите во спортска гимнастика е хрватскиот град Осиек.