Лажна е веста што се појави на одредени македонски медиуми и портали дека Грција ќе воведе забрана за македонски граѓани од општини во кои има поголем број заболени со ковид-19. Лажната информација ја демантираше и Министерството за надворешни работи на С. Македонија на своите канали на социјалните мрежи.
Во Грција и не постои никаква нова или дополнителна забрана за влез на македонски државјани освен постоечките одлуки, јави МИА.
Согласно издадената министерска одлука на 14 мај 2020 година, до 15 јуни во Грција е забранет влез за државјани на трети земји, согласно упатствата од Агенција за цивилно воздухопловство.
До 14 јуни на полноќ е во сила привремената забрана за летови од и кон Грција за седум држави, меѓу кои и нашата земја, согласно листата од Министерството за туризам на Грција, Северна Македонија е меѓу 29-те земјите за кои од 15 јуни ќе биде дозволен влез во земјата.
Според грчкото МНР, на 15 јуни ќе се отворат копнените граници на Грција, ова се актуелните, веќе познати и веќе објавени одлуки, јави дописничката на МИА од Атина.

За информацијата објавена во дел од македонските медиуми, во кои наводно е цитирано соопштение од грчкото МНР дека „до 1 јули забранува влез во Грција за жителите на Тетово, Чаир, Сарај, Бутел, Арачиново, Липково, Куманово, Теарце, Студеничани и Шуто Оризари“, Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, преку официјалниот твитер-профил реагираше дека станува збор за лажна вест.
Лажната вест е придружена и со фотографија од наводното соопштение од Министерството за надворешни работи на Грција, кое е напишано на грчки јазик, меѓутоа со граматички и синтаксички грешки, а најверојатно за преводот е користен „гугл превод“, пишува МИА.
Секако, од грчкото МНР, не постои никакво соопштение што се однесува на македонските државјани.
