Првиот вицепремиер Изет Меџити потврди дека коалицијата ВЛЕН ќе има свој кандидат за Град Скопје
Во текот на наредните денови и недели, ВЛЕН ќе излезе во јавност со имињата на кандидатите со кои ќе трча на локалните избори кои се очекува да се одржат кон средината на октомври. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој воедно е и еден од лидерите на ВЛЕН, рече оти тие ќе имаат кандидат и за Град Скопје, како и за Чаир, но оти финалната одлука за имињата на кандидатите ќе биде обзнаена наскоро. Дополнително, вели дека досега, имаат донесено одлука да ја поддржат кандидатурата на независниот кандидат за Општина Струга, Менди Ќура.
„За сите други општини, при крај сме со анализите и преговорите и мислам дека наредна недела ќе ги официјализираме. Како од деведесетите до сега, во плурализмот, владините партнери ќе си помагаат, како и опозицијата што си помага“,
рече Меџити.
Меџити рече и оти ВЛЕН ќе излезе со свој кандидат и во Општина Кичево.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски информираше оти ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ водат исклучително конструктивни разговори и очекувањата се дека меѓусебно ќе се поддржат на локалните избори во делот на градоначалниците.
„Јасно е дека владините партнери ќе имаат свои советнички листи, логично е во сите општини да се поддржуваме едни со други во делот на градоначалниците бидејќи сме владина коалиција и мислам дека тоа е позитивен процес кој ќе заврши некаде во втората половина на август“,
кажа тој.
Досега ВМРО-ДПМНЕ објави 34 кандидати за градоначалници, а СДСМ 35. „Европскиот фронт“ најави дека ќе ги подели градоначалничките кандидатури. Така, освен ДУИ, кандидати за градоначалници ќе имаат и Алијанса за Албанците (АА), предводена од Зијадин Села, како и другото крило на АА предводено од Арбен Таравари.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, објави дека ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“. Ако Османи е кандидат за градоначалник во Чаир, тогаш можеби ќе бидам и јас, веднаш возврати еден од лидерите на ВЛЕН и актуелен министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.