„Се надевам дека ќе ги донесеме до 31 декември 2025 година, иако изборниот процес може малку да го оддолжи носењето на овие закони“, изјави денеска министерот за јавна администрација во врска со планираниот пакет од три закони, меѓу кои се Законот за високораководна служба и Законот за висината на платите
Според ресорниот министер Горан Минчев, гаранција дека кај Владата има волја за департизација на јавната администрација е самото формирање на Министерството со кое раководи и неодамна донесениот пакет од четири закони во рамките на реформите во овој сектор.

Министерот ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на реновираниот Центар за обука на административните службеници на Министерството за јавна администрација, за кој рече дека значи јасен план и визија во насока на создавање професионална, образована и ефикасна јавна администрација.
„Дали има политичка волја, неколку пати досега имам кажано – да, и тоа силна, голема мотивираност кај Владата. Со самото формирање на Министерството за јавна администрација, практично ја покажува таа политичка волја. Гаранција за департизирање на јавната администрација се новите законски решенија, односно зголемување на критериумите кои се дел од тие закони за учество во јавните огласи коишто понатаму ќе ги распишуваат институциите. Исто така, дисциплинската одговорност што ја најавивме е показател дека навистина ќе се потрудиме оваа јавна администрација да биде добро едуцирана, да има знаење во континуитет, затоа што само таква може да ги исполни европските стандарди“,
рече Минчев одговарајќи на прашањето како новите закони ќе придонесат за департизирање на јавната администрација, дали има политичка волја за такво нешто и конкретен план.
Во таа насока, министерот за јавна администрација рече дека во следниот период ќе се започне со јавни расправи за нов пакет три закони, меѓу кои Законот за високораководна служба и Законот за висината на платите, кои би требало да се донесат до крајот на оваа година.
„Се надевам дека ќе ги донесеме до 31 декември 2025 година, иако изборниот процес може малку да го оддолжи носењето на овие закони“,
рече Минчев.
Во врска со отворањето на реновираниот Центар за обука на административни службеници, Минчев рече дека паралелно со неговата реконструкција се вложува и во целосна модернизација на електронската платформа за управување со обуки ЛМС.
„Тоа значи дека административните службеници, без разлика каде се наоѓаат, ќе имаат пристап до содржините за учење, евалуација и професионален развој – дигитално, флексибилно и во склад со европските стандарди. Новиот закон за стручно усовршување и едукација на административните службеници усвоен неодамна во Собранието дополнително ја зацврсти улогата на Министерството како клучна институција во градењето на одржлив систем за учење и развој на службениците. Центарот што денеска го отвораме е првиот конкретен чекор во спроведувањето на тој закон“,
рече министерот за јавна администрација.
Во наредниот период, како што додаде тој, се планира и реконструкција и на другите центри за обука во државата, а крајната цел е да се создаде единствен национален систем за обука, достапен за сите администравни службеници, независно од нивната географска или институционална припадност.

Прашан какви обуки ќе добиваат административните службеници во овој Центар, Минчев посочи на Законот за формирање академија за јавни службеници, која треба да профункционира од 1 јануари 2027 година, додавајќи дека овој едукативен центар практично е дел од таа академија.
„Значи, овој центар, кој е опремен со најмодерна технологија, којшто ги има сите алатки за обука на јавните службеници, всушност ќе значи чекор плус во развојот на јавната администрација и во професионализација на јавната администрација“,
рече министерот.
Наменски, како што додаде, тој ќе служи за обука и едукација на новите генерации јавни службеници, но, исто така, и за преедукација и проверка на знаењето на актуелните јавни службеници.