Од Центарот за управување со кризи информираа дека на територија на државата се регистрирани вкупно 29 пожари
Сува трева и нискостеблеста вегетација горат во липковското село Ваксинце, а на терен во моментов се три противпожарни возила со осум пожарникари, јави МИА.
„Пожарот кај нас е пријавен во 11:40 часот. Две екипи од почетокот на пожарот се таму. Постојано се разгорува и локализира. Во моментот пожарот е меѓу селата Ваксинце, Лојалне и Речица“,
изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Пожарот е видлив од Куманово.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека на територијата на државава се регистрирани вкупно 29 пожари.
Активни се пожарите кај селото Нивичино меѓу општините Василево, Радовиш и Берово, кај селото Грешница, општина Македонски Брод, меѓу селата Локвица и Крапа, исто така во Македонски Брод, кај селото Беловиште во општина Прилеп, меѓу селата Церово и Групчин во општина Желино, кај селото Ваксинце во општина Липково и меѓу селото Горно и Средно Коњари во општина Петровец.
Под контрола се пожарите меѓу селата Царевиќ и Смолани во општина Прилеп, кај селото Латово во општина Македонски Брод и кај тунелите на автопатот Е-75 во општина Демир Капија.