Осум полицајци синоќа правеле журка во кратовското село Куклица, па биле пријавени во станица, по што се интервенирало со наредба на јавен обвинител.
Пријавата во полициската станица во Кратово стигнала околу 21 часот, а седум од затекнатите полицајци не биле на должност.
Тие се приведени бидејќи се осомничени дека сториле кривично дело зашто не ги почитувале мерките за ковид-19.
„Синоќа околу 21 часот било пријавено дека полициски службеници прават забава во село Куклица, при што не се почитувани мерките за заштита од ковид-19. Веднаш се преземени мерки и известен е јавен обвинител, по чии насоки на лице место излегле полициски службеници. При увидот констатирано е дека на приватен имот во село Куклица биле затекнати осум лица, од кои седум полициски службеници, кои не биле на должност и во истиот момент биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 206 од Кривичниот законик“,
велат од МВР.
Одделот за внатрешна контрола при МВР и инспектори ќе работат на расчистување на случајот.
