Еден од начините да се превенира ширењето на коронавирусот, покрај мерките за лична заштита, е и воведување нова позиција во приватните и државните компании и институции, а тоа ковид-координатор, чија единствена задача е да обезбеди доследно спроведување на протоколите.
Ова го соопшти денеска вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи за време на посетата на Штип, кој деновиве стана опасно жариште на ковид-19 поради брзото ширење на вирусот кај текстилните работнички од неколку конфекции.
„Сведоци сме на рецидив на болеста и враќање на пикот на епидемијата. Сега е време да се создаде нова позиција во оние претпријатија каде што има повеќе вработени, ковид-координатор за да ги заштитиме и вработените и компаниите од затворање“,
рече Османи на прес-конференцијата со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Како една од причините за влошување на состојбата, според Османи е е ширењето на лажни вести, битка која, како што рече, властите ја изгубиле со тоа што дозволиле манипулатори да ја искористат психичката замореност на граѓаните со карантинот за да наметнат информации дека вирусот не постои. Тој ги повика локалните авторитети – политички, општински, верски да влијаат на средината во оваа, како што ја нарече, специјална војна.
Уште еднаш апелираше да се почитуваат основните мерки за заштита – маска, растојание и дезинфекција, кои како што рече се поефикасни од какви било други пошироки мерки, карантин и полициски час.
Османи денеска присуствуваше на состанокот на регионалниот кризен штаб во Штип, каде што од денеска е затворена уште една текстилна фабрика со 250 вработени откако една работничка имала позитивен тест на ковид-19.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали е можно воведување карантин за Штип, Османи најави дека Комисијата за заразни болести ќе заседава денеска и од неа зависи какви мерки ќе се најдат пред Владата за одлучување.
