„Наместо разбирање, добиваме манипулации. Наместо сочувство, добиваме потсмев и обвинувања. Наместо поддршка, добиваме директно понижување. Во понеделникот, на 7 јули, на средба во кабинетот на премиерот ни беше кажано нешто што ниту еден родител не смее да го слушне – ОДРЕДЕТЕ СИ ЦЕНА ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА“, се вели во објавата на Фејсбук на „Здружение на граѓани 16 Март 2025 Кочани“ за средбата што ја имале со премиерот Мицкоски
„Сведување на дискусијата на ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни, што е несоодветно и неточно“, се наведува во денешната писмена реакција од Владата

„Членови од мојот кабинет на неделна основа разговараат со родителите на починатите и повредените од пожарот. Планирам во следниот период да се сретнам со нив и да поразговарам. Сепак, ние на дневна основа решаваме проблеми поврзани со случувањата во Кочани“. Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски на 5 мај годинава за време на посета на Штип, а во врска со активностите на Владата по пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
Таква средба се случила на 7 јули во Владата на барање на родители и блиски на загинатите во пожарот. Десет дена по неа, односно доцна синоќа, на фејсбук-профилот со име „Здружение на граѓани 16 Март 2025 Кочани“ беше објавено обраќање до јавноста во кое се пренесени впечатоци од состанокот.
„Наместо разбирање, добиваме манипулации. Наместо сочувство, добиваме потсмев и обвинувања. Наместо поддршка, добиваме директно понижување. Во понеделникот, на 7 јули, на средба во кабинетот на премиерот ни беше кажано нешто што ниту еден родител не смее да го слушне – ОДРЕДЕТЕ СИ ЦЕНА ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА“,
се вели во објавата.
Од друга страна, Владата преку писмено соопштение реагира на наводите од објавата. Потврдија дека имало средба, но велат дека не се точно опишани настаните оценувајќи дека во моментот се прави „злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина“.
„Здраво, како сте“
Бидејќи има две верзии за текот на состанокот, да тргнеме со едната, таа на „Здружение на граѓани 16 Март 2025 Кочани“, која прва беше објавена. Станува збор за организација регистрирана на 16 мај 2025 година во Централниот регистар, која има пет основачи (законски минимум за основање на здружение на граѓани). Овластено лице е Тошо Антов, кој ја загуби својата ќерка во „Пулс“. Фејсбук-профилот на Здружението е активен од 11 јули годинава. Како редакција направивме повеќе неформални разговори со кочанчани, вклучувајќи и роднини на починати. Ни потврдија дека биле канети на средбата во Владата, дека состанокот траел околу час и половина, но и дека некои семејства не дошле, како и дека сите семејства не се членови на здружението.
Но, да се вратиме на формалниот дел. Во објавата на Здружението прво се дава хронолошки опис на настаните, од барањето за средба, добиениот одговор од Владата дека има согласност од премиерот да се сретне со родители и претставници на семејства на загинатите, како и за она што се случувало на 7 јули во зградата на „Илинденска“ број 2.
Пред да го споделат впечатокот од средбата со премиерот, од Здружението велат дека идентични барања испратиле и до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Од нивните кабинети и по две недели не добиле никаков одговор.

Иницијативите за средби, велат, ги испратиле на 1 јули, а нивната содржина ја сочинувале пет барања за финансиска и институционална помош на семејствата на загинатите во трагедијата поради огромната болка, психичката траума и душевното страдање што ги спречуваат да продолжат со нормален живот.
„Единствено, на 3.7.2025 г., нè контактираа телефонски од кабинетот на премиерот и ни закажаа состанок за 7.7.2025 г. (понеделник) во 17:00 часот во Владата“,
се вели во објавата на Здружението.
Но, тука следува и нивната прва забелешка.
Иако тие инсистирале состанокот да се одржи во Кочани, каде што се случил трагичниот настан и каде што почиваат нивните деца, од Владата, според нив, им било одговорено дека безбедносните услови не дозволуваат премиерот да патува и оти средбата мора да се одржи во Скопје.
„И покрај горештините и нашата болка, отидовме во главниот град, со надеж дека конечно ќе бидеме слушнати. На средбата присуствуваа околу 60 родители и членови на семејствата на починатите деца. За повеќето, ова беше прва лична средба со премиерот. Очекувавме барем еден човечки збор, искрено сочувство. Но, тоа не се случи“,
се вели во објавата.
„Здраво, како сте?“ Ова биле зборовите со кои ги пречекал премиерот, а кои, како што велат, не можат да ја допрат болката на родител кој изгубил дете.
„На нашето прашање во врска со барањето, премиерот одговори дека го гледа за првпат, дека штотуку му било предадено од службите. На тоа реагиравме бурно, бидејќи уште на 3 јули – кога нè контактираа, ни беше кажано дека барањето е примено и разгледано. На нашиот револт реагираше неговата портпаролка, г-ѓа Марија Митева, објаснувајќи дека во Владата има процедура: Барањето било заведено на 03.07 во архивата, на 04.07. било препратено до другите институции, а дури на 07.07. му било врачено на премиерот лично. Иако не сме правници, неприфатливо ни е писмо адресирано лично до премиерот, без негова дозвола и знаење, да биде разгледувано и препраќано од други институции без негова одлука“,
пишува во објавата на Здружението.
Навредата што велат дека никогаш нема да ја заборават била тоа што кога премиерот почнал да го чита барањето изјавил дека само ќе се задржи на петте точки, без да ги разгледа воведните делови и правните објаснувања.
„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“, наводно бил коментарот на премиерот во однос на првата точка од барањето, а која се однесува на обезбедување еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фонд за итна поддршка од државниот буџет.
„Тоа беше моментот кога болката премина во чиста неправда. Овие зборови ќе одекнуваат засекогаш во нашите срца, како уште една смрт – смрт на достоинството. Јавен повик до премиерот и целата јавност: Доста е! Доста е! Доста со манипулации. Доста со потценување на нашата болка. Доста со лаги и игри врз сметка на животите на нашите деца! Колку пати треба да ви објасниме, да ви повториме, да викаме и да молиме – ние, родителите на убиените деца во трагедијата во ‘Пулс’, немаме политички агенди! Не сме тука поради партии, не не интересира политика! Нашата единствена цел е правда. Правда за 62 млади животи кои згаснаа во најцрниот ден на нашата држава. Но, наместо разбирање, добиваме манипулации. Наместо сочувство, добиваме потсмев и обвинувања. Наместо поддршка, добиваме директно понижување. Во понеделник, на 07.07 на средба во кабинетот на премиерот ни беше кажано нешто што ниту еден родител не смее да го слушне – ОДРЕДЕТЕ СИ ЦЕНА ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА “,
велат од ,,Здружение на граѓани 16 Март 2025 Кочани”.
Пораката до Мицкоски
Тоа, како што велат, за нив не било само навреда, туку газење врз спомените, болката и човечкото достоинство.
„Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца. Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат. Разликата меѓу нас и вас е што вие се плашите од вистината, а ние се бориме за неа. Вашата неспособност не треба да ја платиме ние. Ниту нашите деца“,
порачуваат родителите и претставниците на семејствата на загинатите во „Пулс“ обединети во Здружението на граѓани.

Во објавата, дополнително, наведуваат дека осомничените шетаат слободно и заштитени „си тераат како ништо да не се случило“.
„А се случи — се случи масовно убиство на 62 деца, и тоа никогаш нема да го заборавиме. Затоа не лажете повеќе. Ни вие, ни обвинителите. Ниедно ‘ќе видиме’, ниедно ‘ќе се процесира’ не значи ништо веќе. Додека сте неспособни само да ја одолговлекувате постапката, ние ќе бидеме гласот на правдата — сѐ додека таа не се случи! Нашите деца молчат, но нашите гласови зборуваат за нив. И нема да замолчиме. Ова е почетокот на крајот за неправдата во оваа држава“,
порачуваат од Здружението.
Влада: Да не се суди врз база на гнев и тенденција
Редакцијата „360 степени“ денеска претпладне испрати прашање до Владата со кое побаравме нејзин став и коментар во врска со наводите изнесени од родители и претставници на семејствата на загинатите во „Пулс“.
Одговор на нашето прашање не добивме. Но, околу 13 часот попладне стигна официјално соопштение од Владата во кое се вели дека не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија и дека во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина
„Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења“,
се вели во соопштението од Владата.
Осврнувајќи се понатаму на писмото од родителите и роднините, оттаму велат Владата жали за впечатокот кој „некои го добиле“, но тие средби не биле ни први, а ни последни и апелира да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство.
Од „Илинденска“ велат дека посочената средба била втора на премиерот Мицкоски со семејствата и дека на неа, од почетокот до крајот, тој разговарал и се поздравил изразувајќи им сочувство на сите присутни поединечно и низ „низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме“.
„Сведување на дискусијата на ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно. Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа. Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици. Затоа што ова е и наша болка и тага, и тие не се мерат и споредуваат, туку се докажуваат со дела кои ние ги правиме и планираме да ги правиме“,
се вели во соопштението од Владата.
На крајот, оттаму апелираат да не се злупотребуваат овие настани и моменти и да не се суди врз база на гнев и тенденција, а Владата, како што се додава, секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата „кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции“.
Петте барања
Инаку, петте барања поради кои „Здружение на граѓани 16 Март 2025 година“ повеле иницијатива за средби со носителите на највисоката државна власта се следниве:
- Еднократна парична помош за секое погодено семејство на починатите во трагедијата за душевна болка и нематеријална штета, преку Фонд за итна поддршка од државниот буџет, со јасна и транспаретна процедура за исплата;
- Предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите во трагедијата;
- Право на отсуство или заштита на работното место по трагична загуба;
- Поддршка и заштита на децата кои изгубија родител;
- Поддршка и заштита на браќата и сестрите на починатите.


Нивните барања тие ги аргументираат со веќе постоечки законски одредби кои ја регулираат оваа проблематика, а предлагаат и измени на актуелните решенија со дополнителни, а со кои би им се излегло во пресрет на нивните потреби.
„Сметаме дека оваа трагедија не е обична несреќа – младите животи беа изгубени со насилна смрт во јавен објект и бараме државата да преземе обврска кон погодените семејства и деца. Бараме Собранието, Владата и надлежните инстутиции во најкус можен рок (во следните 10 дена) да преземат конкретни чекори за реализирање на горенаведените барања. Вашата брза и решителна реакција ќе значи животна поддршка за сите нас што се бориме со последиците од оваа трагедија и ќе испрати порака дека државата е одговорна“,
се наведува во барањето на „Здружение на граѓани 16 Март 2025 Кочани”.
Во однос на наводниот одговор што го дал премиерот на средбата од 7 јули дека барањата се исти како оние на СДСМ, само не е наведена цена, потсетуваме дека пратениците на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во комисиската расправа за ребалансот на буџетот поднесоа амандаман со кој бараа од државната каса да се одвојат 1,2 милијарди денари или 15,9 милиони евра за помош на семејствата на настраданите во Кочани. Претходно, СДСМ поднесе и предлог-закон за помош на семејствата на жртвите во пожарот во Кочани, кој беше одбиен од мнозинството. СДСМ во мај поднесе сличен закон.