Досега никој од вработените во Основниот кривичен суд не завршил во самоизолација ниту, пак, пријавил дека е заразен со новиот коронавирус
Вработениот во писарницата во Основниот кривичен суд во Скопје е негативен на тестот за ковид-19, информираа од судот откако деновиве се рашири информацијата дека таму е регистриран случај со новиот коронавирус.
„Ја информираме јавноста дека посочениот колега веднаш беше упатен на тестирање и по добиените резултатите истиот е негативен на вирусот, за што до управата на судот е доставен и резултатот од тестирањето“,
велат од судот.
Од судот апелираат да не се шират непотврдени информации и нагласуваат дека во судската зграда строго се почитуваат мерките и протоколите, на сите кои влегуваат им се мери температура, судниците се дезинфицираат, секој е должен да носи маска и се држи растојание.
До овој момент, велат од судот, ниту еден вработен не пријавил дека имал контакт со заболен и дека му е дадена препорака за самоизолација, а доколку некој пријави дека е позитивен на вирусот судот ќе ги преземе сите мерки согласно напатствијата на здравствените власти.
