Во „Козле“ ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи
Поради прекин со водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата „Козле“, пациентите ќе се хоспитализираат на Детската клиника и на Клиниката за инфективни болести. Од Министерството за здравство информираат дека станува збор за времено решение додека да се реши проблемот со водоснабдувањето. Во „Козле“ ќе се третираат единствено пациентите во дневна болница и амбулантските прегледи.
„Оваа иницијатива е во насока на обезбедување континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти. Министерството за здравство ја следи состојбата и по нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата ‘Козле’ непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа“,
информираат од Министерството за здравство.

Од вчера детската болница „Козле“ работи со цистерни со техничка вода. Директорката Катерина Бошковска во изјава за Телма кажа дека најголем дел од работата во болницата функционира, потешкотии има само со одредени лабораториски анализи.
„Веднаш испратија цистерна и целиот ден додека нема вода ќе имаме цистерни со техничка вода. Скоро сите лабораториски анализи кои ни се неопходни и побрзи работат и без вода. Единствено не можеме да земаме венска крв затоа што тие анализи се поврзани со дотокот на вода, другото функционира,“
изјави Катерина Бошковска, директорка на Клиника за белодробни заболувања кај деца „Козле“.
Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ претходно информираа дека поради енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво доаѓа до нарушување на стабилноста на системот во Скопје. Оттаму велат дека како последица на огромната потрошувачка, градскиот водоводен систем работи со намален притисок и со повремени прекини на вода во одредени делови на градот.