Лекарите откриле дека вените во неговите нозе не успеваат ефикасно да ја вратат крвта во срцето, предизвикувајќи таа да се собира во долните екстремитети и да предизвика оток. Според портпаролката на Белата куќа, модринката на раката на Трамп е резултат на оштетување на ткивото предизвикано од чести ракувања, дополнително засилено од ефектите на аспиринот, кој тој го зема како дел од превенцијата од кардиоваскуларни заболувања
Американскиот претседател Доналд Трамп страда од хронична венска инсуфициенција, објави Белата куќа откако во медиумите се појавија фотографии на кои се гледа дека има модринка на раката и отоци на нозете.

По неколкудневни шпекулации за неговата здравствена состојба, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, соопшти дека Трамп неодамна имал оток на нозете и бил подложен на опсежен преглед што вклучувал васкуларни тестови.
Лекарите откриле дека вените во неговите нозе не успеваат ефикасно да ја вратат крвта во срцето, предизвикувајќи таа да се собира во долните екстремитети и да предизвика оток.
Според Левит, модринката на раката на Трамп е резултат на оштетување на ткивото предизвикано од чести ракувања, дополнително засилено од ефектите на аспиринот, кој тој го зема како дел од превенцијата од кардиоваскуларни заболувања.
„Нема знаци на длабока венска тромбоза или артериска болест, а сите наоди се во нормални граници“,
се вели во соопштението на Белата куќа.
Докторот на претседателот, Шон Барбабела, изјави дека станува збор за „бенигна и честа состојба“, особено кај луѓе над 70 години.
Дополнителното тестирање исклучи знаци на срцева слабост, оштетување на бубрезите или системски заболувања.
„Претседателот генерално е во одлична здравствена состојба“,
кажа Барбабела.

На 13 јули, Трамп е виден со отечени нозе на натпревар во Њу Џерси, а неколку дена подоцна за време на состанокот со премиерот на Бахреин, Салман бин Хамад бин Иса Ал Калифа, во Белата куќа, на раката му е забележана и модринка. Слична модринка на раката му е забележана и во февруари, кога се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
Трамп на почетокот на вториот мандат имаше 78 години и седум месеци, со што е најстариот претседател во историјата на Соединетите Американски Држави (САД).
Во извештајот по годишниот систематски преглед во април, докторот на Трамп оцени дека покажува когнитивно и физичко здравје.
Инаку, хронична венска инсуфициенција е нарушување при кое вените и залистоците во нозете не успеваат правилно да ја туркаат крвта кон срцето.
„Кога тие залистоци не работат правилно, крвта се враќа надолу, наместо да оди во срцето“,
објасни д-р Мерил Логан од Универзитетот во Тексас за Би-би-си.
Факторите на ризик вклучуваат прекумерна тежина, историја на згрутчување на крвта и занимања што вклучуваат стоење подолг временски период.