Од партијата велат дека ова е уште еден во низата обиди за измама на граѓаните, третирајќи ги како бројки во изборната кампања и обидувајќи се да обезбеди поддршка преку тесни клиентелистички интереси
Со над 730 објавени конкурси за вработувања во администрацијата во пресрет на изборите, власта се обидува да ги манипулира граѓаните, но и да ги прикрие неуспесите од работењето, велат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Истовремено, со предизборните вработувања во администрација, како што велат од партијата, власта се обидува да си обезбеди политичка поддршка во пресрет на неминовниот пораз што ја очекува во октомври.
„Објавените конкурси, наместо да бидат алатка за изградба на функционални и професионални институции, се претвораат во изборни средства дизајнирани да создадат илузија дека Владата работи, иако во реалноста не успева на секое поле“,
се вели партиското соопштение.
Од ДУИ сметаат и дека ова е уште еден во низата обиди за измама на граѓаните, третирајќи ги како бројки во изборната кампања и обидувајќи се да обезбеди поддршка преку тесни клиентелистички интереси.
„Ниту еден конкурс оставен незавршен до изборите нема да може да ја врати довербата на граѓаните во власт што ги изневери нивните очекувања и потфрли во секоја јавна обврска“,
реагираат од ДУИ.
Од ДУИ се убедени дека претстојните избори ќе бидат референдум на граѓаните против власта, која води манипулативни и неспособна политика, како можност за казнување на лошото владеење, неспособноста и ароганцијата што и носи стагнација на државата.
Порталот „Сакам да кажам“ (СДК.мк) вчера објави дека на огласот за вработување во Македонската навигација (М-НАВ), се избрани лица блиски до владејачката партија, како Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) побара итно поништување на спорниот оглас за вработување М-НАВ, обвинувајќи ја владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека врши партизација на институцијата што се грижи за безбедноста на авиосообраќајот.