Командантот на француските сили во Африка генерал Паскал Јани, го предаде клучот од воениот камп во Дакар за време на церемонија на која беше кренато знамето на Сенегал, а воените музичари ја свиреа националната химна на земјата
Франција денеска ја предаде контролата врз својата последна голема воена база во Сенегал, означувајќи го крајот на долгото воено присуство во западноафриканската земја.

Командантот на француските сили во Африка генерал Паскал Јани, го предаде клучот од воениот камп во Дакар за време на церемонија на која беше кренато знамето на Сенегал, а воените музичари ја свиреа националната химна на земјата.
„Денешното предавање на кампот Џеиџ означува нова фаза во развојот на партнерството меѓу нашите вооружени сили“,
изјави Јани пред новинарите.
Тој рече дека тоа е одговор на желбата на сенегалските власти повеќе да немаат постојано странско присуство на нивна територија.
Сенегалскиот претседател Басиру Диумаје Фаје минатата година објави дека француските воени бази се некомпатибилни со суверенитетот на Сенегал и ќе мора да бидат предадени.
Двете земји се согласија да го завршат процесот до крајот на годината.
Процесот започна во март кога Франција предаде два објекта, исто така во Дакар, и беше многу помирен од повлекувањето на француските трупи од Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде што воените хунти ги протераа француските трупи и се обратија кон Русија за помош во борбата против џихадистичките бунтовници.