Kандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Игор Дурловски на својот Фејсбук профил објави дека денеска напладне вербално бил нападнат од Филип Андонов, вработен како советник за млади во Владата, при што објави и фотографија на која како што вели е возилото на Андонов со бугарски регистарски таблички со кои му го „пресекол“ патот и му ја загрозил и физичката безбедност.
„По бројните напади во изминатиот период за кои не сум проговорил, одлучив јавно да објавам за денешниот кој беше сериозна и директна закана за мојата безбедност и личен интегритет“,
напиша Дурловски кој инцидентот го пријавил во полициска станица и најавува дека за тоа ќе ги извести и меѓународните претставници во земјава.
Тој во објавата го прозива претседателот на СДСМ Зоран Заев и го прашува „дали му е навика во вакви насилни методи на заканување да ги злоупотребува неговите советници за заплашување на опозиционите кандидати во изборниот процес“.
„Нападите ги гледам како обид за заплашување кон мене и атак против слободата на мојот избор да го бранам ‘македонскотоќ во сопствената татковина“,
пишува Дурловски.
По објавата на Дурловски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку статус на Фејсбук коментира дека ова е „одраз не само на искривениот систем на вредности во кој силеџии се советници на премиер, туку и на една брутална реалност во која се притиска и прети на секој што размислува различно од оваа власт која распродаде се што е вредно и продолжува со распродажба“.
„Советникот на Заев во манири на градски силеџија го нападнал Дурловски. И таквиот чин не е ништо друго туку последица на нервоза кај власта и голема слабост кај оние кои секој ден не убедуваат дека имаме нова нормалност и мислат дека тоа би имало некаков ефект. Наместо да спасуваат животи, тие се занимаваат со силеџиство. Нема да им помогнат вакви реакции туку само ќе не мотивираат, борбата против ова зло да продолжи и да се истрае до крај! Дурловски е величина и за Заев и за советникот на Заев“,
вели Мицкоски во објавата на Фејсбук која ја завршува со зборовите: „Македонија не заборава!“
