Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на предвремените парламентарни избори, посочувајќи дека такви се роковите и законски и логични.
„Ние го кажавме ставот – нема друг датум освен 5 јули во овој период што доаѓа. Такви се роковите, и законски и логички. Јас очекувам дека ќе постигнеме договор за 5 јули, за да ги вратиме институциите. Меѓутоа кога би ставил ‘на вага’ – дали вреди сето тоа, ако барем еден заболи од изборниот процес, па макар да биде и асимптоматски. Затоа во овие две недели да ги следиме трендовите“,
рече Османи во интервју за Телма.
Тој смета дека последната воведена двонеделна вонредна состојба им помогнала како Влада да работат помалку под притисок на роковите и да се фокусираат на здравствената состојба во овој период, а во меѓувреме да продолжат да разговараат со политичките партии.
„Не очекувам граѓаните тоа да не разберат, но ние како министри кои што функционираме на дневна основа знаеме колку ни треба што побрзо функционален Парламент и политичка Влада, така што ние сме во една тешка позиција на наметната ситуација поради ова со Собранието за којашто никој не е виновен. Собранието се распушти на 12 февруари кога никој не знаеше дека ќе имаме епидемија тука во државата“,
рече Османи.
