Словенија неодамна прогласи крај на епидемијата
Во основно училиште во Марибор потврден е нов случај на заразен со коронавирус. Се работи за ученик во трето одделение и ова е прв случај на заболен во Марибор по еден месец. До денеска потврдени се уште два случаи – едно возрасно лице и уште едно дете од истото семејство.
Од Институтот на прес-конференција соопштија дека овој случај е резултат на трансмисија во семејството.
Според директорката на училиштето тие за позитовниот случај на ковид – 19 биле известени од Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) и дека детето немало никакви симптоми на болеста.
„Во принцип, ова дете имаше епидемиолошка индикација за да биде тестирано, при што се покажа како позитивно. Детето во спротивно немаше да биде тестирано затоа што немаше симптоми”,
велат од регионалната единица НИJЗ во Марибор.
Се уште не е утврдено потеклото на инфекцијата, односно дали е увезена од странство. Во тек е епидемиолошка истрага, при што се анализираат контактите во училиштето.
Сепак, целото одделение со 18 ученици и наставникот се во 14-дневен карантин, но не и нивните родители кои треба да следат дали децата ќе пројават симптоми.
Според епидемиолошката проценка на ризикот од страна на Институтот, училиштето целосно ги почитувало упатствата поради што не постои опасност за другите ученици.
Во понеделникот во Словенија, која прогласи крај на епидемијата, направени се 659 тестови, при што потврдени се два нови случаи – еден во Марибор и еден во Менгеш. Во моментов пет лица се лекуваат во болница од ковид-19, а еден пациент е на интензивна нега.