Премиерот смета дека причината за зголемувањето на бројот на заболени е непочитувањето целосно на мерките и инертноста на МВР
Ситуацијата со коронавирусот во земјава е под контрола и тоа е потврдено со епидемиолошките анкети до овој момент. Владата е во постојано заседание, и ако се процени дека има потреба од преземање дополнителни рестриктивни мерки, тоа ќе го направиме, изјави премиерот Оливер Спасовски во интервју за Телевизија 24.
„Доколку почнат да паѓаат бројките, тоа е заклучокот и на Комисијата, во наредните две до три дена тогаш нема потреба од воведување на рестриктивни мерки. Доколку имаме зголемување на тие бројки секако дека се размислува за воведување на карантински мерки за одредени подрачја“,
рече Спасовски.
На новинарското прашање дали е можно повторно воведување полициски час или карантин во Скопје, Спасовски рече дека сите опции се отворени за било која општина.
„Сега засега мислиме дека ако вака се развива состојбата, само во тие неколку општини и во познати кластери, ќе немаме потреба за таква работа, меѓутоа доколку добива интензитет развојот на настаните во друга насока тогаш е можно да се носи одлука за рестрективни мерки. Без разлика дали е тоа Скопје, Штип или друга општина“,
истакна Спасовски.
На новинарското прашање дали се доцни со воведување на карантински мерки во општините во кои има заболени лица, со оглед на тоа што се високи бројките на заразени лица, а нема никакви рестрикции, Спасовски, кој повторно е во самоизолација, нагласи дека апсолутно не станува збор за доцнење со мерките.
„Овој предлог беше ставен на маса веднаш како предлог. На терен моментално, целата состојба е под контрола, во смисла на дефинирањето на сите кластери. Ако погледнете во Скопје на пример, најголем број на заболени има во Сарај, Чаир и Гази Баба и сите тие кластери се ставени под контрола. Дури и денешните бројки, кои се над 30 во Скопје, потекнуваат токму од тие семејства коишто биле во изолација. Во Штип исто така ситуацијата е целосно под контрола“,
објасни Спасовски.
Спасовски смета дека причината за зголемувањето на бројот на заболени е непочитувањето целосно на мерките, и оние за лична заштита и за групирање.
„Околу 85 отсто од граѓаните ги почитуваат, но има и такви кои не се одговорни. Имавме кршење на полициски час, дел од луѓето се уште не веруваат дека вирусот постои, и сето тоа влијае. Исто како што имавме инертно однесување на МВР, односно јавен настап на Наќе Чулев во кој кажа дека нема да ги казнува граѓаните кои не почитуваат мерки. Јас се обидувам да ги наведам причините кои го зголемуваат бројот на пациенти. Исто така имаме масовно тестирање во некои средини, како Тетово, како Штип, и затоа имаме нов број заболени, но тоа ќе се намалува деновиве“,
изјави Спасовски.
Тој потенцира дека сите мерки за функционирање на системот се на сила и дека сега се е во одговорноста на граѓаните.
