Според сведоштвото на сопружниците Емин и Мебри Ибраими, сопственици на куќата во која настанал пожарот, испукала плинска боца, се запалил тепихот и огнот многу брзо се проширил низ целата куќа, а потоа и на соседните кровни конструкции
Вчерашниот пожар во населбата Злокуќани настанал откако испукала плинска боца на која се подготвувало млеко за децата, раскажаа денеска сопствениците на куќата од кадешто започнал пожарот.
Според сведоштвото на сопружниците Емин и Мебри Ибраими, откако испукала боцата, се запалил тепихот и огнот многу брзо се проширил низ целата куќа, а потоа и на соседните кровни конструкции.
„Снаата има три деца. Две пијат млеко. Зема боца (плинска), млекото во ѓезве за да свари. Таман да го пушти плинот – пукна. Снаата избегала. Се зафати тепихот брзо. Маж ми не беше дома. Две снаи и син ми беа тука. Се фати тепихот и гореше одма. После таванот. Децата трчаат. Дојдоа две комшивки ги зедоа децата, шест деца. Готово, ми отиде сѐ, немам ништо. Не земам социјално, мажот ми не работи никаде, ни пензија, ништо немам“,
раскажува низ солзи сопственичката на куќата, која нагласи дека неопходна им е помош бидејќи сега немаат каде да престојуваат.
Интервенцијата на пожарникарите била сложена поради густата поставеност на куќите и ограничениот пристап.

Според Противпожарната служба на терен излегле 10 возила, а гаснењето траело до полноќ. И покрај напорите, огнот предизвикал значителна материјална штета.
„Големи јазли беа од повеќе страни. Не можевме ништо да спасиме. Се мачев некои работи да ги сапсам но немаше шанси. Толку беше голем пламен, неверојатно, не сум верувал дека може ова да се случи. Ние чекаме општината нешто да помогне. Немам никаква надеж. Тотално надежта ми е изгубена. Ова кај мене е голема катастрофа. Дај Боже да биде нешто колку да можеме да се прибреме внатре со децата“,
вели Емин Ибраими, кој во моментот кога настанал пожарот не бил присутен во домот, но брзо стигнал и со немоќ сведочел на ужасната глетка.

Веднаш до нив се наоѓа и куќата на Куртиш Ибраими, кој со својот брат биле во општината Ѓорче Петров кога се случил пожарот. Вели среќен е само што никој немало во домот кога била зафатена и неговата куќа.
„Бев во Ѓорче Петров во амбуланта. Болен сум од шеќер и притисок, имав и операција. Комшиите ми се јавуваат, ми велат куќата се пали. Не сум знаел кај да бегам. Лом ми е сѐ“,
вели Ибраими низ плач и апелира да им се помогне.
Според сведоштвото на засегнатите и комшиите, доколку порано се почнело со интервенција, штетата можела да биде и помала. Семејството на Емин и на неговиот брат сега се без покрив над глава и апелираат за итна помош од локалните власти.

Се обративме до О.Карпош од каде што рекоа дека се разгледуваат опциите како да им се помогне на семејствата и дека тоа ќе се случи во текот на оваа работна недела. Какви мерки ќе бидат преземени за санирање на последиците и помош на погодените, оттаму, немаа конкретен одговор.
Додека бевме на терен, истовремено беа и лица од државните служби кои ја проценуваа штетата и подготвуваа записници со дел да се документира и затвори истрагата.
При интервенцијата на улицата „Скупи“ во населбата „Злокуќани“, вчера, двајца пожарникари побараа лекарска помош. МВР соопшти дека во пожарот настрадал малолетник кој се здобил со повреда и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.