Од МВР велат дека се преземаат интензивни активности за расчистување на причините за избувнивање на пожарите во државата, со цел санкционирање на сите евентуални сторители на ваквиот вид кривични дела
Уапсени се две лица што денеска при полициска патрола се затекнати како палат кабли во близина на сува трева и дива депонија меѓу скопските села Кадино и Миладиновци, со што е предизвикан мал пожар, што брзо е изгаснат, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Денеска во 15:30 часот од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје е забележан црн чад на локација меѓу Кадино и Миладиновци. На местото се затекнати две лица што имаа запалено кабли во близина на сува треба и дива депонија. Со брза реакција пожарот е изгаснат“,
информираат од МВР.

Полицијата ги лишила од слобода И.Б. (39) од Куманово и А.Б. (31) во полициската станица Гази Баба.
За поднесување на соодветна пријава, како што велат од МВР, ќе биде известен јавен обвинител.
Претходно полицијата приведен тројца малолетници, странски државјани, во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден во рамки на засилените полициски активности во врска со пожарите во Скопскиот Регион.
Кај малолетниците бил пронајден ранец со две шишиња од по еден и пол литар бензин, две петарди, запалка и течен лепак.
Од МВР велат дека сее преземаат интензивни активности за расчистување на причините за избувнивање на пожарите во државата, со цел санкционирање на сите евентуални сторители на ваквиот вид кривични дела.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по вчерашната седница на Кризниот штаб за состојбата со пожарите изрази сомнеж дека пожарите се подметнати од човечки фактор.