ССКЛМ најавува дека ќе го оспори последниот конкурс за вработување, за кој реагираа во предупредувањето за штрајкот

Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) ја стави во мирување најавената одлука за штрајк, кој требаше да се реализира денеска. Претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, вели дека барањата на синдикатот се придвижуваат, поточно одобрено е барањето за вработување на контролори и за спроведување на функционална анализа која треба да определи кои работни места и колкав број извршители се потребни.
И покрај ова, ССКЛМ најавува дека ќе го оспори последниот конкурс за вработување, за кој реагираа во предупредувањето за штрајкот. Тасевски во изјава за МИА вели дека синдикатот нема да застане тука и ќе продолжи да бара професионализам бидејќи, како што рече, има неправилности во последниот конкурс.
ССКЛМ претходно, на 16 јуни, испрати известување до раководството на М-НАВ, барајќи поништување на последниот оглас за нови вработувања и почитување на обврските од минатогодишната Спогодба. Таа Спогодба беше основа за ставање во мирување на претходна одлука за штрајк. Синдикатот побара итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата до крајот на јуни, во спротивно најавувајќи реактивирање на штрајкот.
Во последното известување до М-НАВ, Синдикатот оцени дека последниот оглас за нови вработувања не одговара на реалните, итни и суштински потреби на компанијата. Тие побараа поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постојни вработени во М-НАВ преку интерен оглас или со додавање работни задачи на недоволно ангажирани вработени, како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар.
Раководството на АД во државна сопственост за услуги во воздухопловна навигација, М-НАВ, пред три дена преку соопштение објави дека презема чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација.
Според М-НАВ, со планираните огласи за вработување, ќе се вработат лица како замена за колеги кои веќе се пензионирале или ќе го остварат своето пензионерско право во наредните месеци, генерациски смени и други причини. Тие посочуваат дека се прават огромни напори да се стабилизира компанијата, која со години била предмет на несериозно и неодговорно раководење.
Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во координација со Владата, добил согласност од Министерството за финансии за вработување на високостручен кадар специјализиран за потреби на давање воздухопловно навигациски услуги во текот на 2025 година. Планирано е вработување на четири метеоролози прогностичари, еден метеонабљудувач и еден инженер за сајбер-безбедност.
„Дополнително, поради зголемен обем на работа и планирани генерациски смени во одделението за Обласна контрола на летање, М-НАВ АД Скопје ќе вработи и школува шест контролори на летање во некој од европските центри за школување, кои ќе бидат избрани на тендер“,
информираат од М-НАВ.
Раководството на М-НАВ истакнува позитивни резултати од реорганизацијата и промената во пристапот на менаџирање со кадрите. Во првата половина од годината, бројот на прелети над македонското небо е зголемен за над 12 проценти, со реализирани 133 474 летови, за разлика од 119 972 летови во истиот период лани, вклучувајќи ги и летовите до и од Скопје и Охрид.