Според полицијата, во моментов се привршува службен разговор во полициска станица со лицата што се нападнати
Нападната е телевизиската екипа на ТВ Алсат во близина на пожарот што утрово избувна во скопско Визбегово, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во моментов во тек е акција за гаснење на пожарот на оваа локација.

Од МВР соопштија дека во моментов се привршува службен разговор во полициска станица со лицата што се нападнати.
Како што пренесуваат дел од медиумите, нападната е телевизиската екипа што прва пристигнала на местото на пожарот во Визбегово.
Според нивните информации, екипата првично е нападната физички, а потоа им се оштетени дел од телевизиската опрема и камерата.
Претходно од МВР соопштија дека поради непочитување наредба од службено лице приведен е А.Н., сопственикот на отпадот што од утрово гори во скопско Визбегово.
Отпадот за старо железо, како што информираа од МВР, е регистриран на име на фирма „АСД метал груп“.
При гаснење на пожарот е повредено едно лице, кое веднаш е пренесено на укажување лекарска помош.
Инаку, поради силниот ветер и густиот чад, хеликоптерот на МВР што учествуваше во гаснењето на пожарот кај Визбегово е повлечен во базата.
Во гаснењето на пожарот е вклучен и „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и повеќе возила на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“.
Пожарот што изби на отпад на старо железо е пријавен утрово во 9:16 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје.
Горат хаварисани возила, на кои имало монтирани плински уреди и од кои на терен се слушаат детонации.