Според првиот човек на општината Сашко Комненовиќ, била забележана бавна реакција на надлежните институции за справување и за гасење на пожарот

ФОТО: Принтскрин од видео објавено на социјалните мрежи
Општината Чучер Сандево прогласи вонредна состојба поради активните пожари на нејзиното подрачје. Ова вечерва го објави општинскиот градоначалник Сашко Комненовиќ во видео-обраќање до граѓаните на општината и до јавноста, пренесено преку неговиот фејсбук-профил. Одлуката, како што рече Комненовиќ, е донесена затоа што состојбата се уште е сериозна и загрижувачка.
„Ситуацијата е сериозна и бара вклучување на сите расположливи ресурси. Пожарот зафати густа нискостеблеста и мешана шума на многу непристапен терен, а силниот ветер дополнително го отежна неговото гаснење“,
рече градоначалникот.
Според него, била забележана бавна реакција на надлежните институции за справување и за гасење на пожарот.
„Во вакви моменти секоја минута е важна и пресудна. Мојата цел не е да критикувам туку да алармирам. Вчера Владата презентираше некаква подготвеност за справување со пожари со ‘хермелините’. Зошто досега не се употребени? Јас на подрачјето на Чучер Сандево забележав само еден ‘хермелин’. Од вчера до сега се уште да не може да се стави под контрола пожарот кај Блаце и Чучер Сандево. Активни се на три потега“,
додаде Комненовиќ.
Тој апелираше на итна мобилизација и најави дека ќе испрати писма до надлежните институции, како Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, како и до невладините организации и до сите други активно да се вклучат во гасењето. Рече дека барал и меѓународна поддршка и добил најава оти ќе биде дополнително контактиран за тоа, но до 13 часот никој не му се јавил.
Комненовиќ изнесе информации и за првите штети што биле забележани од пожарот.
„До овој момент имаме изгорено две викенд-куќи и неколку посеви на жито, но сигурно штетата е далеку поголема. Секако, таа ќе се утврди откако ќе се локализира пожарот, а до тој момент го повикувам пред се населението на смиреност и на активно учество во гасењето“,
рече градоначалникот.
Првиот човек на општината, на крајот од своето обраќање, се заблагодари на градежните фирми, граѓаните, институциите, противпожарните екипи и сите што досега се вклучиле во интервенирањето, а ја повика Владата на поголема ажурност.
Вечерва од Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот кој беснее на територијата на Општина Чучер Сандево, и покрај интензивните воздушни интервенции, сè уште е надвор од контрола.
За утре е планирано акциите за гаснење на пожарот да започнат уште во 5 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР.