Изјавата на премиерот доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД од денеска почнуваат со испраќање официјални писма до трговските партнери со детали за новите царини и трговски договори
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази уверување дека Македонија ќе биде во групата земји што ќе добијат најповолни услови за да извезуваат на американскиот пазар, откако администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп ги најави т.н. реципрочни царини со земји со кои САД имаат трговски дефицит.

Мицкоски ова го кажа на прес-конференцијата по денешниот состанок со Советот за странски инвестиции- тело составено од претставници на водечки странски компании кои веќе инвестираат во Македонија и кои со години ги следат економските политики во земјава.
„Разговараме со САД за можни царински олеснувања и верувам дека ќе бидеме во групата земји кои што ќе бидат наскоро објавени, кои што ќе имаат услови најповолни за да извезуваат на американскиот пазар“,
рече премиерот во дел од обраќањето по состанокот.
Американскиот претседател соопшти дека САД од денеска почнуваат со испраќање официјални писма до трговските партнери со детали за новите царини и трговски договори. Трамп уште во април најави основна царина од 10 отсто за речиси сите увозни производи, со дополнителни „реципрочни“ царини за земји со трговски дефицити со САД. Овие мерки беа паузирани за 90 дена, рок кој истекува на 9 јули.
„Писма за царините или договорите ќе бидат испратени до различни земји низ целиот свет почнувајќи од пладне во понеделник (18 часот по средноевропско време)“,
напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушал.
Тарифите што беа одредени за С Македонија изнесуваат 33 отсто.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински за време на посетата на Вашингтон во мај, во Стејт департментот имаше средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Марко Рубио, на која било разговарано и за трговските односи меѓу двете земји и намалување на тарифите.
„Во рамките на разговорот беа разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор и напредок во насока на намалување на тарифите и можноста за започнување на процес за потпишување Договор за слободна трговија“,
соопштија на 29 мај од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по средбата на Муцунски со Рубио.
Инаку, Мицкоски денешниот состанок со Советот за странски инвестиции го оцени како исклучително важен и наведе дека на него би разговарано за предизвиците со кои се соочува земјата, но и за потенцијалите што ги нуди.
„Денес имаме економија која расте, индустрија која произведува, извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса тука, дома, во Македонија“,
кажа Мицкоски.
Говорејќи за конкретните економските параметри, премиерот кажа дека реалниот раст на бруто-домашниот производ БДП во првиот квартал од 2025 изнесува 3,2 проценти, дека извозот во периодот јануари – мај е зголемен за 3,15 отсто, додека увозот бележи раст од само еден процент.
„Трговскиот дефицит е намален за 80-тина милиони долари во првите два месеци од вториот картал, тука зборуваме за месеците април и мај, што е намалување за 13 проценти споредено за истиот период од минатата година. И, конечно минатата година имавме странски инвестиции кои што имаат свој рекорд од 1 милијарда и 255 милиони евра“,
рече премиерот.
Во таа насока, премиерот порача дека им подаваат рака и на домашните, и на странските инвеститори, и тоа, како што рече не само декларативно, туку суштински низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација.
Пред да ги соопшти своите очекувања во однос на тарифите со САД, премиерот најави дека се водат активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ-секторот, логистиката и агропреработката.