Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, денеска на прес-конференција информира дека пожарот во близина на граничниот премин „Блаце“ е сè уште активен на неколку краци
Двата полициските хеликоптери, кои активно учествуваат во гасење на пожарот кај Блаце, за време на денешната интервенција исфрлија повеќе од 70 тони вода, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во рамки на денешните активности на полициските службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, со два хеликоптера на единицата за полициски намени ‘бел 412’ и ‘агуста бел 212’ кои се активни во гасењето на пожарот во реонот на Блаце, во 55 налети исфрлени се повеќе од 70 тони вода“,
информираат од МВР.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска на прес-конференција информира дека пожарот во близина на граничниот премин „Блаце“ е се уште активен на неколку краци. Според него, можна причина за пожарот е догорче од цигара фрлено од автомобил.
Ангелов информира дека претежно се зафатени грмушки и нискостеблести растенија, неквалитетна шума и трева, а на неколку места е спречено ширењето на пожарот кон квалитетна борова шума околу стрелиштето Стенковец.
„Прилично сум сигурен дека ќе го локализираме, но не и дека ќе го изгасиме поради ветрот. Особено на тие поголеми височини, таму верувам е над илјада метри, ветрот прави дополнителни проблеми и го менува правецот, што е карактеристика кај сите пожари, така што истовремено се бориме и со огнот и со ветрот“,
рече Ангелов одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.