Според шефицата на бугарската дипломатија, најголем чекор назад во билатералните односи е прекинувањето на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања
Според шефицата на дипломатијата на Бугарија Екатерина Захариева, во Северна Македонија има антибугарска реторика, а причина за тоа, како што оценува, се претстојните избори и националистичките ставови на некои политичари.
„Дел од причината за антибугарската реторика во Северна Македонија е националистичкиот пристап, кој е заради претстојните избори во земјата. Но, кога се стремите да бидете дел од европското семејство, на ниеден политичар не треба да му дојде на ум да зборува на таков начин, особено кон соседна пријателска земја“,
изјави Захариева за БНТ.
Вели дека таквата реторика во Македонија е проследена и со многу лажни вести за Бугарија и бугарските ставови. Таа смета дека најголем чекор назад во билатералните односи е прекинувањето на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања.
„Стопирањето на работата на заедничката комисија со Северна Македонија беше на нивно барање заради претстојните избори. Но, не го прифаќам аргументот дека работата на Комисијата треба да запре пред изборите бидејќи е составена од историчари, а не од политичари и никој не ѝ дава политички инструкции“,
рече Захариева.
