Од ОЈО информираат дека за лицето веќе има две пресуди, една за насилство како малолетник и една за непочитување на здравствени прописи во време на ковид-кризата

Основното јавно обвинителство Скопје има поднесено жалба за определената мерка куќен притвор за лицето што со мотоцикл усмрти 68-годишник на пешачка патека на кејот на реката Вардар во близина на Паркот на франкофонијата, информираа денеска оттаму.
По информациите во јавноста дека 25-годишниот скопјанец два пати претходно бил осудуван, од Обвинителството информираа дека кај нив лицето е евидентирано со една пресуда за насилство како малолетник и една за непочитување на здравствени прописи во време на ковид-кризата.
За ваквите информации во јавноста, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во текот на денот ќе излезат до одговор.
Тој на новинарско прашање дали е точно сведоштвото на очевидците дека истата вечер 25-годишникот бил бркан од полициски екипи и дали е точно дека и претходно бил осудуван, рече дека лицето ќе одговара за она што го сторило.
„Од информациите што ги имам точно е дека лицето не беше достапно на органите на прогон, точно е дека го пронајдовме и дека е спроведен таму каде што му е местото и дека ќе одговара за она што го сторил. За вашите детали ќе ви дадеме одговор во текот на денот“,
рече Тошковски на прес-конференција во Владата.
Од ОЈО Скопје вчера информираа дека е поведена истрага против 25-годишниот скопјанец кој откако со мотоцикл усмрти 68-годишен маж, побегна од местото на настанот.
Осомничениот се гони за две кривини дела. Едното е за тешки дела против безбдноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, а другото дело што му се става на товар е неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 ства 2 во врска со став 1 од КЗ.
Според Обвинителството, 25-годишниот скопјанец мотоциклот марка „кавасаки“ го управувал без да поседува дозвола и без истакната регистарска табличка на задниот дел.
Тој со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека и при ударот останал да лежи повреден на патеката, додека возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот. Наместо да им укаже помош на пешакот и сопатникот на мотоциклот кој бил полесно повреден, осомничениот го оставил мотоциклот и пеш побегнал од местото.
Николовски од тешките повреди следното утро почина во болница.
Поради овие основи надлежниот јавен обвинител до судија на претходна псотапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор.
Возачот на мотициклот беше приведен два дена подоцна, а од МВР рекоа дека по документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.