Според него, сè уште е рано да се каже кој кандидат во кој град ќе добие поддршка

Претседателот на движењето Беса, кое е дел од коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, вели дека како што се наближуваат локалните избори, така ќе се конкретизира соработката со ВМРО-ДПМНЕ.
Актуелниот градоначалник на Тетово, Касами, вели дека генерално имаат договор со коалициските партнери во Владата дека ќе се поддржат и на локалните избори.
Според него, сè уште е рано да се каже кој кандидат во кој град ќе добие поддршка.
„За конкретни кандидати не е разговарано, ВЛЕН уште нема определено кандидати каде и со кого ќе конкурира и кандидира за да знаеме како конкретно ќе оди соработката, затоа што формално соработката е на локално ниво“,
рече Касами во одговор на новинарско прашање.
Тој вели дека коалицијата функционира и оти соработката ќе продолжи и во наредниот период.
„Генерално, коалицијата функционира, а и многу се примерите каде што соработката е коректна. Исто така и како досега, ќе има соработка на коалициските партнери, во случајот ВМРО со ВЛЕН. Таа соработка во наредниот период, како што ќе се ближат изборите, ќе се конкретизира, но генерално има договор дека ќе се поддржиме и на локалните избори“,
додаде Касами.
Вчера, премиерот Христијан Мицкоски најави можно проширување на владината коалиција, но не кажа со кои партии.
Мицкоски потврди дека консултациите со сегашните коалициски партнери продолжуваат, а потоа ќе следуваат и разговори со други политички партии кои се заинтересирани да му се приклучат на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори.