Истрагата покажала дека фирмата ги измамила потрошувачите за автентичноста на попустите
Француската антимонополска агенција соопшти дека го казнила малопродажниот синџир за брза мода „Шеин“, основан во Кина, со 40 милиони евра за наводни измамнички деловни практики, вклучително и лажни попусти, по речиси едногодишна истрага.
Агенцијата, задолжена за заштита на потрошувачите, како и за конкуренцијата, извести дека „Инфинит Стил Е-Комерс Ко Лтд“, фирмата која се занимава со продажба за брендот „Шеин“, ги довела клиентите во заблуда во врска со попустите и дека компанијата ја прифатила казната.
Според француските прописи, референтната цена за кој било попуст е најниската цена дадена од трговецот на мало во текот на 30-те дена пред понудата. „Шеин“ го прекршиле тоа правило со тоа што не ги земале предвид претходните понуди, а понекогаш ја зголемувале цената пред да применат попуст, соопшти агенцијата.
Истрагата покажала дека фирмата „ги измамила потрошувачите за автентичноста на попустите од кои би можеле да имаат корист.“
Во истрагата, спроведена врз илјадници производи на француската страница на „Шеин“ помеѓу 1 октомври 2022 и 31 август 2023, се откри дека 57% од рекламираните зделки, всушност, не нуделе пониска цена. 19% имале помал попуст од рекламираниот, а 11% всушност биле зголемување на цените.
„Шеин“ преку соопштение кажаа дека антимонополската агенција ја информирала „Инфинити Стил Е-Комерс Ко Лтд“ („ИСЕЛ“) за прекршувања поврзани со референтните цени и прописите за заштитата на животната средина во март минатата година, а „ИСЕЛ“ презеле корективни мерки во рок од 2 месеци по пријавата.
„Ова значи дека сите идентификувани проблеми биле разгледани пред повеќе од година дена“, вели „Шеин“, додавајќи дека „ИСЕЛ“ се посветени на почитување на француските мерки и прописи.