На најавата за евентуално воведување дополнителни даноци за оваа категорија граѓани, во говорот на премиерот Христијан Мицкоски претходеа пораки за демографските предизвици во земјава и намалениот наталитет од година в година. Обвини дека проблемот не бил третиран соодветно од претходните влади, додавајќи дека актуелната влада не го премолчува проблемот, туку го препознава, именува и се бори со него
Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата. Тој ова го кажа говорејќи на дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, која денеска се одржа во свечената сала во Владата.

На најавата за евентуално воведување дополнителни даноци за оваа категорија граѓани, во говорот на Мицкоски претходеа пораки за демографските предизвици во земјава и намалениот наталитет од година в година.
„Фактите се јасни – во 2024 година се родија 16 061 дете, а почина 20 201 лице. Тоа е природен пад од 4 140 луѓе за само една година. Во последните четири години изгубивме повеќе од 33 000 жители, како да исчезна еден град со големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили од 2010 година на 8,8 во 2024 година. Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение. Сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, сè помалку деца се раѓаат“,
рече Мицкоски во обраќањето на настанот.
Премиерот обвини дека проблемот не бил третиран соодветно од претходните влади, кои, како што рече, го ставале проблемот под тепих, наместо на него да гледаат како на сериозна закана. Додаде дека актуелната влада не го премолчува проблемот, туку го препознава, именува и се бори со него.
„Нашата борба е да го направиме животот овде вреден, да го направиме мајчинството благослов, а не товар. Да им дадеме на младите причина да останат, да изградиме инстуции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат. Да изградиме држава во која надежта е побитна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение, но има намерна, постојана државничка борба, и ние ја почнавме. Секоја мерка, инвестиција, политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата и тука сериозно размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети“,
рече Мицкоски.
Време е, додаде тој, за иднина, за повеќе млади кои ќе стапуваат во брак, за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца, за враќање назад во земјата на оние кои се отселени од неа.