Холандските разузнавачки служби открија наводна употреба на хлорпикрин, забранет агенс што првпат го користела Германија за време на Првата светска војна. Шефот на Холандската воена разузнавачка агенција (МИВД), Питер Рисинк, рече дека ова е откриено врз основа на нивната независна истрага

Холандските разузнавачки агенции собрале докази за широко распространета руска употреба на забрането хемиско оружје во Украина, вклучително и фрлање агенси за задушување од беспилотни летала во ровови, изјави денеска холандскиот министер за одбрана и шеф на воената разузнавачка агенција.
Министерот за одбрана Рубен Брекелманс повика на построги санкции кон Москва.
„Главниот заклучок е дека можеме да потврдиме дека Русија ја интензивира употребата на хемиско оружје. Ова интензивирање е загрижувачко бидејќи е дел од тренд што го забележуваме веќе неколку години, дека употребата на хемиско оружје од страна на Русија во оваа војна станува нормализирана, стандардизирана и широко распространета“,
рече Брекелманс.
Холандските разузнавачки служби открија наводна употреба на хлорпикрин, забранет агенс што првпат го користела Германија за време на Првата светска војна. Шефот на Холандската воена разузнавачка агенција (МИВД), Питер Рисинк, рече дека ова е откриено врз основа на нивната независна истрага.
САД, исто така, во мај минатата година ја обвинија Русија за употреба на хлоропикрин, а Украина тврди дека непријателската армија го користела забранетото хемиско оружје неколку илјади пати. Русија го негира ова, а портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова во средата тврдеше дека руските служби на истокот од земјата откриле магацин со експлозиви што содржат хлоропикрин.
Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW), агенција со седиште во Хаг и 193 членови, минатата година објави дека првичните обвинувања од двете страни не се доволно докажани. Од OPCW сè уште не е побарано да спроведе истрага, а барањето мора да дојде од еден од нејзините членови.
Брекелманс тврди дека најмалку три смртни случаи на Украинци се поврзани со употребата на хемиско оружје и дека повеќе од 2 500 ранети на бојното поле пријавиле симптоми слични на труење со такво оружје.