Сојузот на синдикати на Македонија во соопштение до јавноста посочува дека мора да се почитуваат работничките права и фабриките кои поради ширење на ковид-19 привремено затвораат, како текстилците од Штип, да им ги платат на работниците деновите кога нема да одат на работа.
Од работодавачите се бара да ги преземат сите мерки за заштита на здравјето на работниците, како на работните места така и при организирањето на превозот на работниците од и до работните места, а од инспекциските служби се бара поажурно и навремено да ги преземаат сите законски мерки за спречување на ваквите појави.
„Потсетуваме дека правото на соодветна заработувачка определено во одредбата од член 32 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија е економско право на работниците и никој не може истото да им го скрати спротивно на Закон и Колективен договор. Согласно Законот за работните односи член 112, ст. 1 ‘Работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот’, а согласно точка 9 од истиот член ‘Работодавачот е должен да му исплати на работникот надоместок на плата за денови и часови, колку што изнесува работната обврска на работникот на денот кога заради оправдани причини не работи’“,
наведува ССМ.
Синдикатот ги охрабрува работниците синдикално да се организираат и да пријавуваат секакво кршење на работничките права, за да може да се спречат ваквите негативни појави во иднина.
Одлука за затворање на пет фабрики вчера донесе Кризниот штаб во Штип поради ширење на вирусот меѓу текстилни работнички.
