„Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија“, вели Савески во пораката до членката на Судскиот совет
„Одете си од таму веќе! Доста е од вас! Брука сте!“ Вака почнува пораката што судијата во Кривичниот суд, Ненад Савески, ѝ ја испратил на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, а со која жестоко реагира на нејзината поддршка за вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје, наместо најдобро оценетиот судија, да биде назначен единаесетторангираниот, во случајов судијката Даниела Димовска.

Изборот на в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје беше на дневен ред на денешната седница на Судскиот совет, откако досегашниот шеф на најголемиот суд во државата, според обемот на предмети и кадар, Иван Џолев, беше избран за судија во Апелацискиот суд Скопје. Тој денеска и официјално ја презеде новата должност, откако даде свечена изјава во Судскиот совет.
До изборот на негов наследник, претседателското столче ќе го грее судијката Даниела Димовска, што предизвика жестоки реакции во судската фела.
При нејзиниот избор членовите на Судскиот совет отстапија од членот 89 од Законот за судии, кој вели:
„Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“,
стои во членот 89 од Законот за судовите.
Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, која во Советот доаѓа од редот на судиите, го поддржа изборот на Даниела Димовска посочувајќи, меѓу другото, дека таа ѝ била ментор кога Д. Димовска дошла во судот и тврдеше дека има одлични менаџерски способности за да раководи со голем суд.
Но, ставот на Антонаета Димовска предизвика несогласување кај судијата Ненад Савески, кој решил тоа да ѝ го пренесе и лично, а се согласи неговата порака да добие и јавност.
Тој директно го посочува членот 89 од Законот за судовите и ја прашува Антоанета Димовска зошто постапува спротивно на него.
„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“,
вели судијата Савески во пораката.

Дополнително, судијата изричито вели дека во случајот има судир на интереси, бидејќи Антоанета Димовска гласала за судијка на која ѝ била менторка.
„Како гласате за кандидат на кој сте му биле ментор? Има судир на интереси! Вака ли сте ги учеле колегите како ментор? Да се кршат закони? Одете си веднаш од Судскиот совет и од судството. Срамота, брука, резил си! Имате ли срам? Ти се обраќам тебе бидејќи ти си таму со гласовите на овој суд, за кој гласаш незаконита одлука! Немаш право на тоа! Немаш ниту кредибилитет таму да седиш, како ќе цениш дали некој судија постапил законито или не“,
вели судијата.
На крајот од пораката тој порачува дека нема место веќе за демагогиите за кои Антоанета Димовска, како што вели, постојано зборува во Судскиот совет и од неа, додава тој, не може да се дојде до збор.
„На колку судии им го нарушивте угледот со вашите демагогии, а вие всушност го немате, го згазивте и вашиот углед. Постојано го окупирате просторот дека си долгогодишен судија, па ова ли е вашето искуство, флагрантно кршење закон? Јас бев еден од тие кои внимателно го слушав секој ваш збор, па и ти верував што го сметам за свој пораз и грешка! Се извинувам што некаде персирам (не лесно да се потисне културата). Те поздравувам со ‘Оди си’! Ако не си одиш, ќе одат судиите кои вредат, кои не ја трпат калта со која прскате“,
вели судијата Ненад Савески во пораката до Антоанета Димовска.
Инаку, судијката Даниела Димовска на денешната седница на Судскиот совет беше назначена за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје со 10 гласа „за“ и два „против“.