„Има одредени зголемувања од три до пет проценти кај производите во најголем обрт, додека кај оние со помал обрт, како производи за лична хигиена, бебешка храна и пелени, зголемувањата се движат од 10 до 20 отсто. Забележани се намалувања од 20 до 100 отсто кај зеленчукот и овошјето“, вели Стојкоски
Има одредено зголемување на цените во малопродажба, додека во големопродажба цените се вратени на ниво како пред одлуките за ограничување на маржите и замрзнување на цените, што завршија на 30 април годинава. Ова денеска го соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, посочувајќи дена на терен е извршен мониторинг на над 100 правни субјекти или на над 1 000 продажни синџири маркети.

„Има одредени зголемувања од три до пет проценти кај производите во најголем обрт, додека кај оние со помал обрт, како производи за лична хигиена, бебешка храна и пелени, зголемувањата се движат од 10 до 20 отсто. Забележани се намалувања од 20 до 100 отсто кај зеленчукот и овошјето“,
рече Стојкоски.
Според него, анализата од ДПИ пред десетина дена е доставена до Министерството за економија и труд и се темели на извршена контрола кај трговците на мало и трговците на големо.
Пред две недели премиерот Христијан Мицкоски најави дека многу скоро ќе има предлог-решение за ублажување на растот на цените на прехранбените производи. Тој рече дека се консултираат со експертската јавност и оти следат што се случува со однесувањето на трговците, производителите, дистрибутерите и на трговците.
И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека не е исклучена можноста повторно да има воведување мерки доколку има енормно зголемување на цените.