Посочи дека за ова го информирале и евроамбасадорот во земјава, Микалис Рокас, а додаде и дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче ќе иницира јавна расправа во својство на претседател на Националниот Совет за Евроинтеграции
Потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Ана Чупеска денеска на прес-конференција алармираше дека власта покажува отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформската агенда, особено кога станува збор за судски реформи, што директно ја компромитира нашата европска перспектива.
Главна замерка упати до Министерството за правда, за кое рече дека како клучен ресор за судски реформи, одбива соработка, игнорира експертиза и системски ја поткопува правната држава.

„Принудени сме гласно да алармираме за катастрофалниот застој на реформиските процеси во нашата држава. Како одговорна опозиција, подадовме рака за соработка и државнички понудивме конкретна помош и сериозна експертиза за реализација на државните приоритети поврзани со реформискиот процес. Тоа беше и потврдено и на лидерската средба на лидерот Венко Филипче со премиерот Христијан Мицкоски што се случи во април“,
рече таа.
Според неа, сведочат на отсуство на соработка со владините институции, особено со Министерството за правда, што додаде дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони.
„Работната група, која ја предводев по овластување од претседателот Филипче, исклучително и посветено работеше на законите. Но, ние се соочивме со перманентна нереспонзивност од Министерството за правда. Замислете, бевме упатени сами да ги обезбедуваме нацрт-законите од ЕНЕР, бидејќи Министерството одбиваше директна и суштинска соработка, односно размена на предлозите за кои постојано тврди дека ги разработува. Се прашуваме, дали воопшто постојат такви работни материјали“,
кажа Чупеска.
Посочи дека за ова го информирале и евроамбасадорот во земјава, Микалис Рокас, а додаде и дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче ќе иницира јавна расправа во својство на претседател на Националниот Совет за Евроинтеграции.
Како СДСМ, Чупеска вели дека имаат суштински и многу сериозни забелешки за неколку законски решенија.
„На пример, Законот за Судскиот совет открива поразителна слика, затоа што од препораките на оценската мисијата, на пример, осум остануваат неадресирани, а три се само делумно имплементирани. Законот за Судски совет, ваков како што е ставен на ЕНЕР создава правен хаос, бидејќи текстот е полуготов, но, и целосно неусогласен со други релевантни закони. Со други зборови, ова решение што го ставиле на ЕНЕР, не е решение, туку е проблем, бидејќи изобилува со конфузија, како околу изборот на членови на Советот, така и околу низа други секвенци“,
рече потпретседателката на СДСМ.
Се уште, како што додаде, постои проблемот со терминот истакнат правник, а во Законот за слободен пристап до информации се предлага воведување на тест за јавен интерес, решение што има намера за фактичко прикривање информации, имено, отвора врата за самоволие и цензура, наместо транспарентност.
„Кај Законот за прекршоците, несфатливо е како тоа не се предвидени доволно мерки за намалување на сообраќајните прекршоци, ниту пак системска работа со несовесните возачи. Предлагачот се фокусирал само на пенали, што е целосно неефикасно. Кај Законот за Јавното обвинителство, наместо да се заштити независноста на ЈО, се воведуваат решенија кои овозможуваат уште подиректно мешање на извршната власт. “,
вели Чупеска.