Во засебна објава на својата социјална мрежа, американскиот претседател се осврна и на политичката состојба во Иран, велејќи дека ако сегашниот режим не е во можност „да го направи Иран повторно голем“, тогаш неговата промена е неопходна
Еден ден по нападот на САД врз три нуклеарни постројки во Иран, американскиот претседател Доналд Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут соушл рече дека нанесената штета е монументална.

„Како што покажуваат сателитските снимки, нанесена е монументална штета на сите нуклеарни постројки во Иран. Уништување е вистинскиот термин! Најголемата штета се случила длабоко под нивото на земјата“,
напиша тој во објава на својата социјална мрежа.
Трамп ѝ се заблагодари на американската војска, оценувајќи дека покажала големи вештини.
„Ударите беа силни и прецизни. Нашата војска покажа голема вештина. Пилотите на бомбардерите Б-2 штотуку слетаа безбедно во Мисури. Ви благодариме за добро завршената работа!“,
порача претседателот на САД.
Во засебна објава, Трамп се осврна и на политичката состојба во Иран, велејќи дека ако сегашниот режим не е во можност „да го направи Иран повторно голем“, тогаш неговата промена е неопходна.
„Не е политички коректно да се користи терминот ‘промена на режимот’, но ако сегашниот ирански режим не е во можност повторно да го направи Иран голем, зошто да не се случи промена на режимот? МИГА!“,
напиша Трамп користејќи го акронимот МИГА (Да го направиме Иран повторно голем), како алузија на акронимот МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема), што беше слоганот на неговата претседателска кампања.
САД вчера извршија напади на три нуклеарни постројки во Иран користејќи бомбардери Б-2. По нападот, Трамп имаше обраќањето до нацијата од Белата куќа и му се закани на Иран со нови напади ако Техеран не склучи мир.