На предлог на општинскиот штаб за заштита и спасување и централниот кризен штаб, од утре (вторник) 02.06.2020 година, 5 конфекции во општина Штип ќе бидат затворени, соопшти градоначалникот Благој Бочварски. Од утре започнува и пошироко тестирање за ковид-19 на вработените во конфекциите.
„Вработените од овие 5 конфекции задолжително треба да останат во самоизолација и да ги почитуваат мерките за заштита на сопственото и на здравјето на останатите граѓани“,
е една од одлуките на штипскиот кризен штаб кои ги објави градоначалникот Благој Бочварски.
Засега локалната власт смета дека нема потреба од карантин.
„Oпштинскиот штаб за заштита и спасување е против карантин за Штип, но ќе ја следиме состојбата во наредните неколку денови и доколку бројката на заболени лица се зголемува ќе биде предложено затворање на градот и воведување на полициски час. Апелираме за најсериозно почитување на мерките и насоките од Владата и институциите! Посебен апел до оние граѓани кои шират лажни информации дека вирусот не постои и е измислица, а всушност се работи за вирус којшто е се уште присутен овде и борбата со истиот треба да ја водиме сите заедно. Да не дозволиме поради некои коишто не ги почитуваат мерките да го затвориме целиот град, а со тоа да ја запреме економијата, а голем број на граѓани да останат на улица“,
напиша Бочварски на фејсбук профилот.
Само во последното деноноќие од вкупно 89 новозаразени со коронавирус, 27 се од Штип, што е втор град по бројот на новозаразени денеска по Скопје (35).
Вкупниот број на активни случаи во Штип изнесува 68.
