Со завршниот збор на Палевски заврши главната расправа од судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а пресудата, како што соопшти судијата Ивица Стефановски, ќе биде изречена в среда (25 јуни) во 10 часот
Велибор Манев е организатор, Боре Видевски извршителот, а Влатко Кешишев стражарот во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ова во својот завршен збор денеска го кажа Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за двете грозоморни убиства што се случија кон крајот на 2023 година.

„Утврдени се и прецизирани одлучувачки факти дека обвинетиот Манев е организатор на ова злосторство од причина што ги купил сите употребени средства во ова злосторство што го призна одговарајќи на повеќето прашања на судијата и на мојата одбрана”,
рече Палевски.
Во својот долг завршен збор напишан на десетици страници, Палевски изнесе, како што кажа, докази кои, според него, потврдуваат дека неговото прикажување како организатор и извршител на убиствата било креирано од Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи (МВР).
За тоа дека доказите одат во насока на тоа дека обвинетиот Манев е тој кој го организирал грабнувањето на Жежовски, според кажаното од Палевски, покажувала и фотографија од велешанецот.
Според него, Жежовски на 13 ноември 2023 година, односно девет дена пред неговото убиство, бил фотографиран од Велибор Манев, во неговиот „ситроен“ кој потоа бил користен во грабнувањето на Вања. Манев, како што рече Палевски, само неколку секунди откако била направена, оваа фотографија му ја испратил на Боре Видевски.
„Зошто му ја пратил на Боре, а не на мене?“,
праша Палевски.
Планот на Обвинителството, според него, бил за двете убиства да биде наместено друго лице, иако имало докази дека се извршени од три, а не четири лица.
„Основното јавно обвинителство не презентира докази, а медиумите го лажат народот по наредба на Обвинителството и на Гаврил Бубевски. Обвинителството функционира така што прима и послушно исполнува политички наредби. Обвинителството изведуваше докази речиси една година, слушавме сведоци, но немаше сведочење како се извршени злосторствата, со ниеден сведок кој видел или слушнал било што. Морав да утврдам сѐ, како тоа за мене нема докази, а јас сум убиец“,
рече Палевски.
Осврнувајќи се на денешните завршни зборови на обвинетиот Велибор Манев, првообвинетиот Палевски рече дека тој пред судот срцепарателно и покајнички објаснувал дека бил манипулиран, изневерен и уценуван, но никој, рече Палевски, не го прашал зошто на 13 ноември 2023 година го сликал Жежовски во неговиот автомобил.
„Со ниту една реченица Јосифовска не нѐ извести дека Манев го сликал Панче како стои до својот ‘ситроен’, околу 10 часот. Ја има во вештачените телефони. Зошто обвинет на кого му се заканува доживотен затвор не се сеќава каде му е пиштолот? Како може Боре да не знае каде му е ‘збројевката’?“,
рече Палевски.
Говорејќи за доказите, тој кажа дека во автомобилот „рено кангу“, кое критичните денови, според обвинението, го возел тој, биле најдени ДНК-траги од Манев, Кешишев и Видевски, но од него немало. Дополнително, рече тој, траги од Манев имало и на самолепливата лента која била ставена преку устата на Вања, што го навело и Обвинителството при изведувањето на материјалните докази.

„Со две вештачења е утврдено дека не сум бил во ‘рено кангу’, а во обвинението стои дека јас сум бил во ‘кангуто’ кога е грабната Вања. Нема доказ дека ‘рено кангу’ било на местото на настан во Дупки. Тоа докажува дека исказите на Кешишев и на Манев се лажни. За жал, обвинението е втемелено на лаги“,
рече Палевски.
Палевски кажа и дека нема никакви докази за комуникација со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и дека тој бил измислен од Обвинителството како помагач во грабнувањето на девојчето. Во врска со барањето на Ѓорчевски да ја каже зошто е убиена Вања, Палевски рече дека одговорот на ова прашање треба да се бара преку Велес.
Одбивањето да се бара пиштолот што Боре Видевски го поседувал со дозвола, како што кажа Палевски, е доказ дека процесот е политички мотивиран и оти нема никаква врска со правда.
„Манев е организатор, Кешишев е стражар, а Видевски е пукач. Докажав дека на 21 и на 22 ноември сум во Скопје, дека на 27 ноември сум во штабот, ‘реното кангу’ не било на местото Дупки. Јас оваа одбрана не ја водев поради вас, туку поради моето семејство, ќерка ми, партијата и тие што ме знаат. Господ нека ѝ е на помош на Македонија“,
рече Палевски на крајот од својот завршен збор.
Судијата Ивица Стефановски, кој претседава со петчлениот судечки совет во овој предмет, по ова рече дека главната расправа е завршена.
Пресудата, како што соопшти тој, ќе биде изречена в среда на 25 јуни во 10 часот.