Таткото на Вања го посочи Палевски како човек кој ги има одговорите на сите прашања за случајот. Поради тоа, тој му се обрати на првообвинетиот Љупчо Палевски барајќи од него во пет-шест реченици, а не во долг говор, да каже зошто е убиена Вања
Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања Ѓорчевска, беше краток во денешните завршни зборови пред Основниот кривичен суд Скопје за случаите со грабнувањата и убиствата на Вања и велешанецот Панче Жежовски. Кажа дека на почетокот на судењето рекол оти очекува да ја дознае вистината за случајот, но сега кога процесот е при крај има чувство на непотполност на вистината.

„На почетокот на самото судење имаше воведни зборови и добро се сеќавам дека станав, изразив очекување дека ќе дознаам сè. Во текот на целиот судски процес мижам во просторијата, меѓутоа внимателно го слушам секој збор. Сега, кога се приближи при крај процесот, имам чувство на непотполност на вистината која очекував да ја дознаам“,
рече Ѓорчевски.
Еден од обвинетите го посочи Палевски како човек кој, како што рече, ги има одговорите на сите прашања. Поради тоа, тој му се обрати на првообвинетиот Љупчо Палевски барајќи од него во пет-шест реченици, а не во долг говор, да каже зошто е убиена Вања.
„Токму поради тоа и од тие причини му се обраќам на Палевски, кој после мене остана уште тој да даде завршни зборови, не со говори во часови, туку во пет-шест реченици да каже зошто е убиена Вањичка”,
рече Ѓорчевски.
Претходно завршни зборови дадоа обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишeв.
Завршни зборови денеска даде и бранителот на првообвинетиот Палевски, адвокатот Јовица Страшевски. Тој рече дека Обвинителството не понудило никаков доказ дека неговиот клиент ги испланирал, поттикнал и извршил грабнувањата и убиствата и побара од судот да го ослободи од обвинение.